Црна хроника
Сакал да го убие комшијата со динамит поставен во цепаница
СВР Велес до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против лицето Б.С. (53) од Велес, поради основано сомнение дека сторил кривично дело – „предизвикување општа опасност“
Во текот на јануари 2011 година, на точно неутврден датум, пријавениот земал едно од своите огревни букови дрва и со помош на рачни сврдли направил издлабен кружен отвор во дрвото, каде поставил едно цилиндрично парче експлозив – топовски удар. Тој незабележан од никого го оставил дрвото заедно со дрвата на соседот М.П., со кого, инаку, подолго време имале нарушени односи, а со намера кога соседот ќе го стави “преработеното“ дрво како огрев во ќумбето да дојде до експлозија, нанесувајќи му штетни последици по здравјето и животот.Оштетениот, сепак, забележал дека едно од наредените дрва е со поголема димензија од неговите и е буково, по што почнал да го цепи и забележал дека во средината на дрвото имало нешто слично на експлозив, по што случајот го пријавил во полиција.Од страна на увидна екипа од СВР Велес извршен е увид на лице место од каде што се одземени е “обработеното“ дрво и експлозивот, а потоа тие се доставени на вештачење во Одделот за крим-техника при МВР. Со наредба од истражен судија при Основен суд Велес извршен е претрес во домот на осомничениот, каде во една од помошните простории се пронајдени три рачни сврдли со разни димензии обоени во сина боја, кои се одземени и доставени за вештачење.По добиените анализи од извршеното вештачење, констатирано е дека бојата како и карактеристиките на издлабеното дрво се совпаѓаат со бојата и големината на пронајдените сврдли.Пријавениот Б.С. претходно е пријавуван и за други кривични дела против имотот, за што му се изрекувани и затворски казни. крај/мвр/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

