Црна хроника
25-годишно момче во притвор поради силување дете
Основното јавно обвинителство Прилеп донесе наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишно лице од село Дебреште, осомничено за продолжено кривично дело полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Осомничениот од почетокот на април 2020 година до 20 јули годинава, во атарот на селата Лажани и Дебреште и во Прилеп, извршил обљуба врз девојче за кое знаел дека нема наполнето 14 години. Тој со девојчето остварил контакт преку социјална мрежа и во април се договориле да се сретнат пред портата од дворното место во куќата каде што живеела оштетената. Кога пристигнал, тој побарал од неа да влезе во возилото на совозачкото седиште, со уцена дека доколку не го стори тоа во јавноста ќе пуштел фотографија која оштетената му ја испратила претходно на Фејсбук. Оштетената влегла во возилото, по што тој ја однел на друга локација и извршил обљуба врз неа, иако таа за цело време давала активен отпор.
На 18 јули, повторно со уцена, осомничениот ја принудил оштетената да влезе во возилото, па заедно отишле во домот на осомничениот во Дебреште. Таму се задржале до моментот кога добиле сознание дека во куќата доаѓа полицијата, по барање на родителите на оштетената и по наредба на ОЈО Прилеп, за да го врати девојчето кај родителите. Тогаш со возило кое го возел братот на осомничениот ја напуштиле куќата и отишле во неговата куќа во Прилеп, каде што биле оставени сами.
Осомничениот, во една од собите, без согласност на девојчето извршил обљуба врз неа. На 20 јули, криејќи се од полицијата, тој ја донел малолетничката во стариот дел од куќата каде што живеел во Дебреште и повторно без нејзина согласност извршил обљуба врз неа. Против осомничениот, надлежниот јавен обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
60-годишна жена натепана на автобуска постојка
Вчера во 20:10 часот во СВР Скопје, З.А.(60) од Скопје пријави дека на 12.02.2026 во 06:50 часот на автобуска постојка на подрачјето на Центар во Скопје, едно женско лице физички ја нападнало.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Со возило се обидел да удри работници
Во СВР Скопје на 14 февруари 2026 година во 20:00 часот било пријавено дека неколку часа претходно се случил сериозен инцидент на градилиште на подрачјето на Кисела Вода.
Според пријавата од Н.К. од Скопје, околу 14:15 часот, И.Д. од Скопје најпрво им се заканувал на двајца вработени кои работеле на објект во изградба. По вербалните закани, тој го стартувал патничкото возило „форд“ и се обидел да ги удри, но во тоа не успеал.
Потоа, со возилото удрил во автомобил „сеат леон“ со скопски регистарски ознаки, кој бил паркиран пред објектот. Од силината на ударот, „сеатот“ се придвижил и удрил во друго паркирано возило „фолксваген поло“.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Кривична пријава против сопственик и фирма од Делчево поради пожар со 30 гости во објектот
МВР поднесе кривична пријава против правно лице од Делчево и неговиот сопственик Н.Д. (35), поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“, односно поради пожар, кој избувнал на 1 јануари 2026 година, во момент кога во неговиот објект биле сместени околу 30 гости и довел до сериозна опасност за нивниот живот и здравје, информира полицијата.
Според полицијата, неправилностите во изградбата и непочитувањето на безбедносните стандарди директно придонеле за ризикот од поголеми последици.
-Пријавените не ги почитувале законските одредби за изградба на објект, предвидени во член 68 и член 70 од Законот за заштита и спасување, односно не обезбедиле проект за објектот, одобрение за градење од надлежниот државен орган и согласност на елаборатот за заштита од пожари и експлозивни материи и извршувале дејност без соодветна документација и без да биде евидентиран објектот во Агенцијата за катастар на недвижности, се наведува во соопштението.

