Црна хроника
Јанкулоска: Не се точни информациите дека убијците се фатени
Целиот полициски врв попладнево цели три часа беше на средба со премиерот Никола Груевски и како што соопшти министерката Гордана Јанкулоска направиле реконструкција на петкратното убиство кое се случи кај Смилковци и ги разгледале сите аспекти на убиството.
Сепак Јанкулоска и денеска не излезе со детали за истрагата ценејќи дека тоа би му наштетило на целиот процес. Таа ги отфрли информациите кои се појавија во јавноста дека убијците се фатени и дека дел од нив биле од Косово.
„Во оваа прилика би сакала да ја искористам можноста да одговорам на сите оние информации кои неофицијално се проширија во јавноста и да апелирам на воздржаноста од страна на сите медиуми и воедно да го поздравам апелот на ЗНМ за објективно и професионално известување. Објавување на сензационалистички информации од типот дека сторителите се веќе фатени или од типот дека МВР е на само чекор од нивно откривање за жал во овој момент не се точни“ изјави Јанкулоска.
Министерката соопшти дека идентитет на убијците не е познат, но дека министерството има претпоставки колку лица учестувале во убиството, но сè уште ги проверуваат овие информации. Во врска со возилото „опел“ кое се покажа дека учествувало во убиството, полицијата нема нови информации. Засега полицијата не ги отфрла сите сценарија за убиството, но Јанкулоска не сакаше да ја коментира изјавата на поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанови дека се работи за терористички акт.
„Во оваа фаза цениме дека објаснување во детали на сè она што е ново не може да оди во прилог на истрагата, може само да ни ја отежни работата, и на сторителите да им олесни“ рече Јанкулоска која не сакаше да ги коментира ниту мотивите за убиството.
Јанкулоска рече дека полицијата нема да падне во замката за коментирање на секоја шпекулација објавена во странските медиуми околу текот на истрагата.
Минатата недела крвнички беа убиени четири момчиња од населбата Радишани и еден повозрасен жител кај езерото во Смилковци. Сè уште не се знае кој и зошто го сторил ова грозоморно убиство./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

