Црна хроника
Вранишковски: Ме гонат поради единството со СПЦ и Нишкиот договор
Расчинетиот владика на Македонската Православна Црква (МПЦ), Зоран Вранишковски во четвртокот пред судот изјави дека е кривично гонет поради единството со Српската Православна Црква (СПЦ) и почитувањето на Нишкиот договор.
Архиепископот на нерегистрираната Православна Охридска Архиепископија вели дека Нишкиот договор во 2002 година го потпишале тројца епископи од МПЦ, а Вранишкоски го спровел истиот договор преку формирање на автономна православна архиепископија.
„Оттогаш започна мојата судска голгота и во тие десет години јас пет години требаше да одлежам изречени затворски казни. Чинот на пристапување во единство со СПЦ не беше ниту предавнички ниту непатриотски. Тоа беше единствен начин МПЦ да биде во единство со другите православни цркви. Тоа се гледа и денес по 10 години бидејќи не е разгледувано ниту едно друго решение“, рече Вранишковски.
„Тоа го направив за мојот народ и црква да не остане надвор од православните цркви“, дополни Вранишковски.
Вранишковски заедно со уште 18 негови роднини и приврзaници се товарат за перење на пари преку здружението „Анастасија“ од Нижеполе.
Тој претходно е осуден за затајување на 250.000 евра од МПЦ, а актуелното обвинение го сомничи дека парите ги делел на свои приврзеници, кои ги донирале во здружението, а потоа купувале имоти.
Вранишковски вели дека ова обвинение го навредува и како човек , а уште повеќе поради тоа што тој бил избран за архиепископ од монасите, а една од трите завети на секој монах била да не стекнува имот во својот живот.
Според него обвинителството не дава опис за тоа дали Вранишковски ги присвоил овие пари или тој само располагал со нив.
„Невозможно е да сум зел четири годишни буџети од епархијата, бидејќи ако било така епархијата не би можела да функционира, ќе немало пари ниту за вработените, ниту пак за одржување на епархијата“ рече Вранишковски.
Тој тврди дека од 2008 до 12 декември 2011 година не бил во Македонија и физички не бил во можност да им ги даде парите на сообвинетите. Исто така во обвинението, според него бил наведен период дека сторил кривичното дело додека тој бил во затвор, од август 2006 до април 2007 година.
Здружението „Анастасија“ го формирале бидејќи 10 години не можеле да ја регистрираат ПОА, а требало од некаде да се прехрануваат.
Не сите донации што се давале во здружението, биле регистрирани бидејќи кај нив важело правилото „тоа што дава десната рака, да не знае левата“, а и донаторите не сакале да се знае ниту нивното име и износот кој го давале.
Минатата недела во посета на Македонија дојде српскиот претседател, Томислав Николиќ и заедно со македонскиот претседател се заложија да помогнат во решавањето на проблемот меѓу МПЦ и СПЦ.
Српскиот патријарх Иринеј после посетата изјави дека прифаќа преговори со МПЦ, но во согласност со договорите кои претходно ги имале двете цркви, споменувајќи го и Нишкиот договор од 2002 година.
Овој договор СПЦ го прифати, а за македонската страна е оценет како работен документ што нема обврзувачки карактер.
Претходно Николиќ изјави дека лично ќе се ангажира СПЦ да ја признае автокефалноста на МПЦ, поставувајќи го како предуслов ослободувањето на Јован Вранишковски, но на посетата во Македонија не го спомена Вранишковски. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Камион удри во крава на патот Крива Паланка – Куманово
Камионџија од Бугарија усмрти крава на патот Крива – Паланка – Куманово.
Според информациите на МВР, вчера во 18:00 часот во ОВР Крива Паланка e пријавено дека на магистралниот пат Крива Паланка – Куманово, во село Жидилово, кривопаланечко, товарно возило „мерцедес“, управувано од Е.М.С.(59) од Бугарија, удрило во домашно животно – крава, по што животното починало, а тој со возилото го напуштил местото.
По преземени мерки Е.М.С. бил пронајден и против него ќе следува соодветна пријава. Увид извршила екипа од ОВР Крива Паланка.
Црна хроника
84-годишна битолчанка измамена за сума од 9.600 евра
Осумдесет и четиригодишна битолчанка пријавила во полицијата дека била измамена од едно лице за сума од 9.600 евра.
„Според пријавеното, претходно лицето ѝ се јавило, се претставило како лекар и ѝ кажало дека нејзината ќерка се здобила со скршеници и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати. Како што е пријавено, таа ги дала парите на едно лице кое дошло пред нејзината зграда, а откако подоцна се слушнала со нејзината ќерка сфатила дека е измамена“, велат од МВР.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Фото: Depositphotos
Црна хроника
Скопјанец нашол паричник во Струга, ги потрошил парите, па пазарел и со картичката, МВР го пронајде
Полицијата во Струга поднесе кривична пријава против П.П. (41) од Скопје, со привремено живеалиште во Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
Тој, во угостителски објект во Струга пронашол паричник сопственост на лице од струшко село, по што со парите а потоа и со банкарска платежна картичка, на повеќе продажни места, неовластено извршил плаќање за свои потреби.

