Црна хроника
Обвинетите во Монструм пред убиството го разгледувале теренот околу Смилковското езеро

Обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро неколку дена пред убиството секој ден го разгледувале теренот кај езерото, стои во обвинението за овој случај, кое во четвртокот беше прочитано на почетокот на судењето.
Регистрирале колку лица, од која националност и на која возраст доаѓаат на ова место и кога го напуштаат.
Според обвинителниот акт, обвинетите Фејзи Азири, Алил Демири, Сејди Рами, Африм и Агим Исмаиловиќ на почетокот од 2012 година за да предизвикаат чувство на несигурност и страв кај граѓаните се договориле да убијат повеќе лица од македонска националност кај Смилковско езеро, кое било под концесија на Фејзи Азири.
На 12-ти април од 19.40 до 19.50 часот Алил Демири со пиштол и браќата Африм и Агим Исмаиловиќ со автоматски пушки на свиреп начин ги убиле четирите момчиња и рибарот на растојание од 1,5 метри. Демири испукал осум проектили, а браќата Исмаиловиќ 13 проектили кон момчињата.
Потоа браќата испукале уште пет проектили кон рибарот додека бегал кон неговиот автомобил.
По злосторството, како што пишува во обвинението, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири со уште две други непознати лица избегале со автомобил „опел омега“ со темно црвена боја, а Агим избегал со друг автомобил со други непознати лица. Алил и Африм се преместиле во автомобилот на Хаки Азири кој ги чекал и заминале кај него дома.
Сејди Рами и Фејзи Азири стоеле зад организацијата и логистиката на убиството.
Сејди Рами контактирал со лица кои биле на местото на настанот како логистика за брзо и ефективно извршување на убиството, а по убиството отишол кон фармата на обвинетиот Фејзи Азири во скопското село Белимбегово.
Фејзи Азири, пак, на 26 -ти април неколку дена откако е издадена наредба за следење на обвинетите, им помогнал на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ да избегаат на Косово. Со автомобил ги однел на местото Кодра фура, во близина на границата на Македонија со Косово, од каде обвинетите ги презеле Ардиан Н. и Исо Н.
Хаки Азири кој беше заштитен сведок, но на свое барање се откажа од овој статус, е обвинет за помагање, бидејќи по злосторството ги пренел Алил Демири и Африм Исмаиловиќ во својот дом.
Пред истражен судија никој од обвинетите не кажале ништо, единствено негирале дека го сториле делото за кое се обвинети, освен Хаки Азири.
Хаки со својот автомобил ги чекал обвинетите на обиколницата кај Качанички пат околу 20 часот. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири излегле од црвениот „опел“ и влегле во неговиот автомобил. Му кажале дека убиле човек и му рекле да ги одведе во неговиот дом.
Утрово почна судскиот процес за овој случај, но се одложи откако адвокатите побараа обвинетите да направат увид во доказниот материјал.
Во убиството коешто се случи на 12-ти април без причина беа убиени матурантите Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски./крај/фф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Двајца малолетници од Лабуништа направија сообраќајка, едниот возел мотор, другиот тротинет

Во селото Лабуништа, Струшко, се случи сообраќајна несреќа помеѓу двајца малолетници.
Едниот управувал мотоцикл „априлија“ без регистарски таблици, а вториот – електричен тротинет. Двајцата се од Лабуништа, соопшти МВР.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот кој го управувал тротинетот, констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид.
Црна хроника
Полицаецот ги користел запленетите пари и накит за да си отплати долгови, па рекол дека шкафот му е обиен – Обвинителството со детали

Донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против полицаецот од Гостивар кој украл накит и пари запленети при претреси.
Осомничениот како како крим техничар бил ангажиран на увид во кој биле пронајдени предмети – парични средства во износ од 25.000 евра и златен накит кои тој ги фотографирал и подигнал.
По извршениот увид во рамките на своите службени должности настанот и предметите уредно биле внесени во дневната книга на настани и ЦЕМС системот.
„Осомничениот направил неколку обиди да ги предаде предметите на надлежниот јавен обвинител, но поради немање услови за чување во обвинителството, по насоки на јавен обвинител тој ги заклучил во неговиот шкаф во работната просторија. Предметите биле таму сѐ до моментот кога, иако му биле доверени во службата, одлучил да ги присвои. Така во неколку наврати подигнувал дел од парите и од златниот накит што го разменувал во златарница за парични средства кои понатаму ги користел за отплаќање на долгови. За да ги сокрие трагите, осомничениот ја извадил бравата од шкафот во неговата работна просторија и исценирал дека истиот е обиен“, соопшти Обвинителството.
Во текот на вчерашниот ден, кога неговите колеги го известиле за настанот, односно дека се прави увид во неговата канцеларија заради обиениот шкаф, тој дошол и го признал делото изразувајќи каење.
Предметниот обвинител на судијата на претходна постапка ќе му предложи на осомничениот да му биде определена мерка притвор.
Црна хроника
Седумнаесетгодишник со автомобил излета во Ресен, тешко повредени две млади лица

Возило управувано од 17-годишник, во текот на вчерашниот ден излетало од патот Ресен-Стење, на влезот во селото Царев двор.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот, сопатникот С.М.(19) и малолетен сопатник, а со телесни повреди се здобил уште еден малолетен сопатник, сите од Ресен, соопшти МВР.
Извршен бил увид.