Црна хроника
Привремено запленет златен накит и делови за моторцикли
Царинските службеници, во изминатите два дена, привремено задржаа 46 парчиња златен накит и 9.500 делови за моторцикли со лого на заштитената трговска марка TOMOS.
Во вторник, на граничниот премин Богородица, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки и личен претрес на возачот, македонски државјанин, биле откриени 46 парчиња златен накит (синџирчиња, прстени, приврзоци, обетки и нараквици), со вкупна тежина од 131 грам и вредност од околу 185 илјади денари.
Непријавената стока била сокриена во две кесиња, завиткани во хартија и сместени во рачна ташна, како и во чорапите и џебовите од јакната на возачот.
Против возачот, Царинската управа ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до Комисијата за одлучување по прекршоци.
Ден претходно, на царинската испостава Гевгелија, фирма увозник од Прилеп пријавила за увозно царинење 9.500 делови за моторцикли (сајли, цилиндри, филтри за гориво, светилки и друго) со потекло од Кина, со вкупна вредност од околу 300 илјади денари.
При извршената царинска контрола, царинските службеници утврдиле дека целата стока носи ознаки – лого на трговската марка TOMOS, и поради сомневање дека се работи за фалсификати на заштитена трговска марка, истата била привремено задржана.
Пазарната вредност на сомнителната стока се проценува на околу 750 илјади денари, доколку би се продавала како оригинал.
Согласно законот за заштита на права од интелектуална сопственост, Царинската управа ќе започне постапка за утврдување на оригиналноста на стоката. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Жена пријавила дека партнерот ја нападнал и ѝ го одзел телефонот, оштетено и нејзиното возило во Кисела Вода
Вчера околу 20:50 часот, 31-годишна жена пријавила во полицијата дека била физички нападната од нејзиниот партнер Љ.З. во неговиот дом на подрачјето на Кисела Вода.
Според пријавата, тој ѝ го одзел мобилниот телефон, ја нападнал, ѝ упатил закани користејќи остар предмет, а подоцна и го оштетил нејзиното возило со тврд предмет, додека било паркирано во дворот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Фирма од Велес оштетена за над 21.000 евра преку фалсификувана електронска фактура
На 3 февруари 2026 година, во 07:15 часот, 60-годишна жителка на Велес пријавила во СВР Велес дека фирмата каде што работи е оштетена за 21.111 евра.
Според пријавата, компанијата извршила уплата на средства врз основа на фактура испратена од деловен партнер. Но, по добиена порака преку електронска пошта дека уплатата не била реализирана, фирмата стапила во контакт со банката и партнерот. Тогаш било утврдено дека оригиналната фактура била пресретната, фалсификувана и пренасочена, по што средствата биле уплатени на туѓа сметка.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Автомобили се судрија на патот Куманово-Скопје, едно лице тешко повредено, возачот бил без дозвола
На 3 февруари 2026 година, околу 10:55 часот, на регионалниот пат Куманово–Скопје, во селото Љубодраг, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале две патнички возила со кумановски регистарски таблички.
Според информациите од СВР Куманово, се судриле „ауди“, управувано од М.А. (47) од селото Љубодраг, и „шкода“, со која управувал Б.С. (51) од Куманово. Во несреќата тешко телесно бил повреден возачот на „шкодата“, додека полесни повреди добиле неговите сопатници Т.Р. (49) од Куманово и М.Ј. (49) од селото Черкези, како и возачот на „аудито“ и неговата сопатничка О.Ц. (45) од Куманово.
При увидот на местото на несреќата било утврдено дека едниот од возачите, немал возачка дозвола. Од полицијата најавија дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

