Црна хроника
Ќе сведочи заштитениот сведок за петкратното убиство кај Смилковци
Ќе сведочи заштитениот сведок Е1 за петкратното убиство што се случи минатата година кај Смилковското езеро.
Сведокот ќе зборува пред судиите, обвинетите и адвокатите, неговиот лик на екранот ќе биде заматен, а гласот мутиран. Јавноста нема да присуствува на сведочењето.
Не е познато дали сведокот е директен очевидец на петкратното убиство на Смилковското Езеро, а неговиот исказ не смее да биде пренесен во јавноста.
Претходниот заштитен сведок во истрагата за случајот „Монструм“, Хаки Азири, побара да му го одземат статусот на сведок и сега е осомничен за помагање во тероризам.
Иако првично пред истражниот судија Азири рече дека на денот на убиството ги возел обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои му кажале дека убиле човек, се откажа од изјавата и негираше каква и да е поврзаност со петкратното убиство. Рече дека оваа изјава ја дал под притисок.
„Не ги прифаќам наводите во обвинението против мене. Изјавата пред истражен судија не сум ја дал по своја волја. Имав притисок. Се плашам за својот живот“, рече Азири.
Четирите момчиња и рибарот беа убиени на 12-ти април минатата година. Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и неговиот брат Агим, се товарат дека се директни извршители на петкратното убиство, а Фејзи Азири и Рами Сејди се осомничени за помагање.
Двајцата првообвинети се сè уште во затвор во Косово и не се екстрадирани во Македонија.
Јавното обвинителство, пак, го прошири обвинението за уште едно лице, Сами Љута се товари дека на Велики Четврток минатата година им чувал стража на убијците кај Смилковци./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дете нападнато од врсници во Карпош, едниот снимал со телефон
Вчера во 18:30 часот во СВР Скопје, Ј.Ц.А. (45) од Скопје пријавила дека околу 14:45 часот на подрачјето на Карпош, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од двајца малолетници кои ги познавале, информираат од МВР.
Според пријавата, едниот од напаѓачите го снимал настанот со мобилен телефон.
Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Приведен 15-годишен кумановец поради кражба на автомобил и приватни имоти
На 23 февруари 2026 година во 11:10 часот, полициски службеници од СВР Куманово лишиле од слобода 15-годишник од Куманово, информираат од МВР.
Според полицијата, тој одзел паркирано патничко моторно возило „форд ескорт“, сопственост на Р.Ј. (25) од Куманово. Дополнително, се сомничи дека влегол во два приватни имоти и одзел повеќе предмети.
Малолетникот бил приведен во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
Фото: илустрација
Црна хроника
14-годишно дете возејќи автомобил во Дебреште удрило во бетонски столб, повреден е и неговиот малолетен сопатник
Синоќа во полицијата било пријавено дека во село Дебреште, општина Долнени, патничко возило „опел“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од 14-годишен малолетник од селото, удрило во бетонски столб, соопшти МВР.
Во несреќата, 14-годишен сопатник од Дебреште се здобил со тешки телесни повреди, додека возачот и 16-годишен сопатник се здобиле со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница Прилеп.
Увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Прилеп.

