Црна хроника
Акција Калабрија: Уапсените во Куманово ’испрале’ четири млн евра
Организираната криминална група од Куманово, чии членови, сите роднински поврзани, беа уапсени во средата, „испрале“ четири милиони евра преку изнуда, лихварство и продавање дрога, соопшти во четвртокот министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
До Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против првоосомничениот Ф.А. (43) и неговите четири браќа, против две сопруги кои биле вклучени во криминалната група и против шест синови кои, исто така, биле дел од злосторничкото здружение. Тие се товарат дека во периодот од 2004 до 2014 година, се стекнале со голема материјална и имотна полза, вршејќи кривични дела од областа на насилниот криминал-изнуди и лихварство, како и преку недозволена трговија со дрога од Македонија во Швајцарија и пуштање во оптек на нелегално стекнатите парични средства преку сопствени сметки и сметки на правните лица во нивно владение. Судот на сите 13 осомничени им одреди мерка притвор од 30 денови.
Според досега документираните сознанија, информираше министерката, сите членови на семејството биле задолжени за различни криминални активности со цел стекнување на противправна имотна корист вршејќи кривични дела недозволена трговија со дрога, лихварство и изнуди и така стекнатите парични средства ги пуштале во легален платен промет користејќи ги сопствените фирми, банкарски сметки, услуги за брз трансфер на пари. Дел од вака стекнатите средства ги користеле и за купување недвижен имот на Косово.
Од досега преземените мерки утврдено е дека криминалната група го поседува комплекс „Калабрија”, лоциран во кумановското село Романовце, составен од семејна куќа, печатница, пекарница и базен (1.405 квадратни метри), повеќе стамбени и деловни простории во вкупна површина од 2.553 м2, пет куќи, земјиште во државна и приватна сопственост во вкупна површина од 49.890 квадратни метри.
Овој имот приведените го стекнале така што повеќе сопственици на правни лица за градежен материјал, електро материјали и слично ги доведувале во должничко-доверителски односи вршејќи набавка на материјали за градба без да ги платат сумите за извршените градежни работи. На тој начин правните лица ги доведувале во неликвидна состојба и потоа им нуделе парични средства на заем за да продолжат со извршување на дејноста одредувајќи им високи каматни стапки, а со закани и уцени преку другите членови на семејството изнудувале склучување фиктивни договори заверувани кај адвокати и нотари. Освен тоа што доведувале правни лица во неликвидна состојба, осомничените со употреба на сериозни закани во подолг временски период изнудувале парични средства и од повеќе физички лица уценувајќи ги да потпишуваат фиктивни-лажни договори за купопродажба на недвижен имот.
Исто така, со цел остварување противправна имотна корист, од почетокот на формирањето на злосторничкото здружение, организирале и создале мрежа од соизвршители и помагатели која се занимава со транспорт, препродавање и пуштање во промет на хероин во Швајцарија, а парачните средства стекнати од продажбата ги трансферирале користејќи ги услугите на агенциите за брз трансфер на пари.
Во период од 2004 до 2014 година, членовите на оваа криминална група во легалниот банкарски ситем на Македонија преку нивите банкарски сметки како физички лица, како и на жиро-сметките на правните лица со приливи и одливи на денарски и девизни сметки, пуштиле во оптек приближно четири милиони евра, претворајќи ги криминално стекнатите парични средства во недвижна и движна сопственост, а со цел да ги прикријат криминалните приходи и локации на купениот движен и недвижен имот.
Во текот на средата во операцијата „Калабрија” во која учествуваа над 350 полициски службеници, на подрачјето на Куманово од слобода беа лишени 13 лица, а претреси се извршени во вкупно 26 објекти-стамбени и деловни простории, сопственост на истите.
Освен тоа, претреси се извршени и кај пет нотари и две книговодствени бироа за кои постојат индиции дека преку нив се заведувале купопродажните договори и се водело сметководството на правни лица во владение на криминалната група.
Од извршените претреси кај сите лица, до сега пронајдени се парични средства во износ од околу 30 илјади евра, нотеси за лихварска евиденција, купопродажни договори за движен и недвижен имот, нотарски акти, возила, компјутери, оружје, муниција, телефони и др.
„Во соработка со Јавното обвинителство продолжуваме да постапуваме за расчистување на криминалните активности на групата и обезбедување на докази за други кривични дела и идентификување на други членови на криминалната организација”, рече Јанкулоска.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до надлежното ОЈО поднесе кривична пријава против 13 физички лица: Ф.А. (43) Р.А. (24), А.А. (23), Љ.А. (42) Н.А. (21), Х.А. (44), А.А. (39), Б.А. (20), Н.А. (46), В.А. (23) Б.А. (22), С.А. (35) и Е.А. (32) сите од Куманово поради основано сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, изнуда, лихварство, недозволена трговија со дрога и пуштање во промет психотропни сусптанции и прекурзори и перење пари и други приноси од казниво дело.
Покрај против физичките лица, поднесени се пријави и против правните лица ДПТУ Калабрија Ферат ДООЕЛ Куманово, Калабрија Кафе пицерија Куманово, Калабрија Хотел Куманово, ДПТУ Петрол Калабрија Куманово, ДТПУ Аризона Компани ДООЕЛ Куманово, Млечен ресторант Куманово, ДТПУ Хотел Рома ДООЕЛ увоз-извоз Куманово, Петрол Рома Куманово, Рома еден Куманово, Рома два Куманово, сите од Куманово за сторено кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело по член 273 ст.7 од КЗ на РМ./крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец осомничен за семејно насилство, предложен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
„Осомничениот 41-годишник од Велес со непријавено престојувалиште во Скопје, при вршење семејно насилство, со умисла телесно ја повредил неговата вонбрачна партнерка.
Додека оштетената ја подготвувала да ја однесе во градинка нивната ќерка, тој најпрво започнал вербална расправија, а потоа со лажица за облекување чевли, во повеќе наврати ја удрил во пределот на главата.
Жртвата се повлекла во спалната соба од станот, каде осомничениот насилно ја турнал на креветот, го зел нејзиниот мобилен телефон и го фрлил на подот, почнал да ја плука по лицето и со неколку удари со бокс во главата и телото и нанел телесни повреди – контузија и хематоми.
Јавниот обвинител го имаше предвид фактот дека жртвата претходно го имала пријавено осомничениот за семејно насилство, но потоа го повлекла предлогот за кривично гонење. Затоа, заради обезбедување на присуството на осомничениот во текот на кривичната постапката и особено заради заштита од понатамошни насилни однесувања кон оштетената, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението на Обвинителството.
Црна хроника
Истрага за полов напад и уцена на девојче во липковско
Основното јавно обвинителство Куманово ќе поведе истражна постапка и ќе предложи мерка притвор за 2 лица за кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 2 во врска со став 1, а едниот од нив е осомничен и за кривично дело – Уцена согласно став 259 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
„Првоосомничениот, спротивно на јасно изразена волја, извршил полови дејствија врз малолетна девојка во липковско, а ја принудил на полови дејствија и со второосомничениот.
Потоа жртвата ја уценувал дека наводно ќе објави нејзини експлицитни фотографии доколку не му исплати 20.000 евра.
Девојчето било принудено да зема пари од дома без знаење на родителите и да позајмува од други лица, па во повеќе наврати му ги давала парите на првоосомничениот.
Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени кои се лишени од слобода.
Основното јавно обвинителство Куманово продолжува да презема истражни дејствија“, стои во соопштението на Обвинителството.
Топ
18-годишникот кој со автомобил усмрти жена во Капиштец немал возачка, од Македонија избегал преку Табановце
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело, информираат од Обвинителството.
„Осомничениот 18-годишник на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што го довел во опасност животот на луѓето.
По улицата “Народен Фронт” управувал автомобил “Фолскваген пасат’’ и со возилото извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала.
Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на осомничениот за предизвикување на сообраќајната несреќа да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази и определениот притвор, по него ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.

