Црна хроника
Откриен нов вид смртоносна дрога во Македонија
Нов вид дрога слична на кокаинот откри полицијата кај повеќе лица во Битола. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, информираше дека станува збор за смртоносна хемиска супстанца којашто првпат се појавува во Македонија, а дрогата е позната под неколку различни имиња како „bath salts”, „Blow”, „research chemicals”, „Explosion” и други.
Минатиот месец полициски службеници при претрес кај битолчанка пронашле една паковка од 0.3 грама со непозната прашкаста материја и цевче со траги од материјата за која по извршено вештачење било утврдено дека претставува метил-ендиокси-пировалерон или скратено МДВП, односно стимуланс на централниот нервен систем, сличен на кокаинот и амфетамините. Потоа при претрес во домот на друго лице во село Трново, Битола, како и при претрес на други лица, меѓу кои и братот на битолчанката, исто така, била пронајдена истата дрога, а за точно утврденото количество сé уште се чека вештачење.
Во сите случаи кога лицата конзумирале МДПВ, општа карактеристика е дека се агресивни, со неконтролирани движења, хипер активни, а две под дејство на дрогата извршиле и разбојништва.
Јанкулоска информираше дека допрва ќе се утврдува потеклото на дрогата и не ја исклучува можноста истата да е произведена во Македонија.
Тоа што треба да ги загрижи граѓаните и ризичната популација, додаде министерката, е фактот дека оваа дрога и дополнителните дејствија од неа во последните години се причина за смрт на 99 лица во земјите членки на Европската унија.
Бидејќи новата пронајдена супстанција е непозната за Македонија, МВР го известило Министерството за здраство, односно Секторот за контролирани супстанции и од таму информирале дека се работи за нова дрога на пазарот, која е синтетичка верзија на кокаинот.
По ваквите сознанија, меѓуресорската комисија донесе одлука со која ја забрани оваа супстанција, односно во Службен весник бр. 56 од 27.03.2104 година, таа е внесена во првата категорија на опојните дроги. Освен оваа супстанција во дополнетата класификација се внесени и 14 други нови наркотици и нивните мешавини. Меѓу нив има дроги што предизвикуваат психоделични ефекти, аналгетици со 80 отсто од моќноста на морфинот, аноректични дроги, односно супресанти на апетитот кои предизвикуваат параноја, халуцинации, анксиозност и депресија, деривати на амфетамини и други.
„Оваа појава на нови дроги, за жал е особено зачестена изминативе години со засилениот развој на науката. Од 2005 година досега на ниво на Европската унија се пријавени дури 300 нови видови на наркотици. За крај би сакале да истакнеме дека иако меѓу својствата на новооткриената дрога, која е стимуланс, е и предизвикување на намалување на апетитот, што би можело да ја направи поатрактивна за младите, таа е исклучително опасна за конзумирање”, истакна Јанкулоска./крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

