Црна хроника
Фирма од Радовиш оштетила 2.024 тутунари за педесет милиони денари
Фирма од Радовиш откупила 310.300 килограми тутун од 2.024 тутунопроизводители, а исплатата од околу 50 милиони денари никогаш не ја извршила. Фирмата ДПТУ ’Томи-Мит Јака Тобако’ имала забрана за откуп на тутун, но вработена во Министерството за земјоделство му овозможила да ги склучи договорите, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Во периодот од 09 до 21 јануари годинава, С.М. (62) од Скопје, сопственик и управител на правното лице ДПТУ ‘Томи-Мит Јака Тобако’ во својство на откупувач склучил договори со 2.024 тутунопроизводители од општините Радовиш, Конче, Струмица, Василево и Штип, при што откупил 310.300 килограми тутун во вредност од 49.833.462 денари кои не ги исплатил во договорениот рок согласно обврските.
Иако правното лице не ги исполнувало условите и имало забрана за вршење на откуп на тутун, К.Т. (52) од Кочани вработена во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ја повлекла забраната за откуп со што му овозможила на правното лице да ги склучи договорите и да се стекне со значителна имотна корист.
Секторот за внатрешни работи Радовиш поднесе кривична пријава против правното лице и против С.М. за сторено кривично дело „измама”, С.М.(62) од Скопје за сторени кривични дела „измама” и „злоупотреба на службената положба и овластување” и против К.Т. (52) за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

