Црна хроника
Убиен водачот на навивачите на Црвена ѕвезда
Водачот на навивачите на Црвена ѕвезда од групата ’Хиени’, Велибор Дуњиќ (27) е убиен во четврток вечер во Ушче, додека девојката со која бил во автомобилот е тешко ранета, објави Blic.
Полицијата моментно врши увид пред сплавот ‘Џими’ каде што е извршено убиството.
Напаѓачот кој пукал во Дуњиќ додека тој седел во паркирано возило, за сега не е познат. Во пукањето била повредена една девојка на возраст од 27 години која била префрлена во Ургентен центар и истата се наоѓа во животна опасност.
Како што јавува српскиот весник, екипа на Паркинг сервис утрово го однела автомобилот BMW од местото на настанот.
Според првичните сознанија, станува збор за криминална пресметка.
Велибор Дуњиќ е познат по бројни тешки кривични дела. Еден од водачите на навивачката група на Црвена ѕвезда е осуден во декември минатата година на две години затвор поради напад на лидерот на ЛДП, Чедомир Јовановиќ. Претходно бил осуден на четири години затвор поради обид за убиство, а со амнестија е ослободен во ноември 2012 година. Против него се поднесени 40 кривични пријави за дела поврзани со дрога и насилство.
Групата ‘Хиени’ претставува помала фракција, подмладок на навивачите на Црвена ѕвезда и е основана во блоковите 21 и 25 во Нов Белград. Позната е по скратениците ХЦЗ и Х21, а меѓу навивачите на црвено-белите важат за екипа чие време допрва доаѓа.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

