Црна хроника
Запленети 23 килограми марихуана кај Велешта
Полицијата заплени 23 килограми марихуана во возило кај село Велешта, во рамки на акцијата „Мрежа“ со што е пресечен меѓународен канал за шверцување дрога од Албанија преку Македонија кон Хрватска и е разбиена меѓународна криминална група.
Уапсени се четворица македонски државјани на возраст од 22 до 52 години и тројца хрватски државјани на возраст од 40 до 54 години. Двајца албански државјани за кои постои сомнение дека биле дел од оваа меѓународна криминална група се во бегство.
Имено, двајцата албански државјани, според досегашните сознанија на МВР, кон крајот на минатиот и почетокот на овој месец, по претходен договор од лица од Албанија набавиле марихуана за понатамошна продажба. При пакувањето учествувал еден хрватски државјанин, кој заедно со еден од осомничените македонски државјани обезбедиле преса заради полесно сместување на дрогата во бункерот на возилото. Со помош на член на групата од Македонија, пресуваната марихуана ја префрлиле на македонска територија во околината на Дебар, при што во договор со организаторот на групата, имале и улога на посредници. Тие стапиле во контакт со двајца други хрватски државјани кои ангажирале трето лице да го изврши транспортот за што обезбедил и возило.
Осомничените оствариле неколку средби, по кои согласно добиените инструкции превозникот, заедно со еден од хрватските државјани се упатиле во околината на Дебар со патничко возило „Крајслер-војаџер” со хрватски национални ознаки.
Таму ја преземале марихуаната и се упатиле во правец кон Струга. Од страна на полициски службеници на регионалниот пат Дебар-Струга во близина на село Велешта, возилото било запрено и бил извршен претрес. Во возилото биле откриени три специјално направени бункери во подот на багажниот простор. Зад задните седишта на подот на левата и десната страна од возилото биле пронајдени 28 пакувања облепени со селотејп трака исполнети со растителна материја со зелена боја.
По извршени претреси во домот на еден од осомничените, во една од собите во која е затекнат неговиот син, беа пронајдени и 17 полиетиленски пакувања исполнети со прашкаста материја – кокаин наменети за улична продажба.
Одземената растителна и прашкаста материја била предадена во Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења при МВР заради понатамошно вештачење, при што било утврдено дека се работи за приближно 23 килограми марихуана со висок квалитет и околу пет грама кокаин. Запленетата марихуана при продажба на нарко-пазарите во соседството на големо би достигнала цена од околу 70.000 евра, додека на мало таа би била неколкукратно повисока.
Од страна на Секторот за недозволена трговија со дрога до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ќе биде поднесена кривична пријава против девет лица, вклучувајќи ги и двајцата албански државјани, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”.
Во текот на денот осомничените ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка.
Инаку, досега во рамки на Операцијата „Мрежа” беа приведени околу 80 лица и беа запленети приближно половина тон на разни наркотици.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

