Црна хроника
57 санкционирани возачи на мотоцикли во Скопје

По спроведена зајакната акциска контрола од страна на полицијата на територијата на Скопје за санкционирање на прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли, биле казнети 57 возачи. Од нив, според МВР, 28 возачи не користеле заштитна кацига за време на возење, 12 возеле без возачка дозвола, а казни биле изрекувани и за други прекршоци.
Полицијата најави дека засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за побезбедни патишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Петмина албански државјани повредени во сообраќајка на патот Струга – Ќафасан

Во ОВР Струга во вечерните часови на 17 мај било пријавено дека на магистралниот пат Струга – Ќафасан се случила сообраќајна несреќа помеѓу автомобил „опел корса“ со албански национални ознаки, управуван од Л.Б. (23) од Република Албанија и автомобил „фолксваген пасат“ со албански национални ознаки, управуван од Ј.Т. (38) од Република Албанија.
Како што информираат од МВР, во несреќата со тешки повреди се здобиле Л.Б., неговиот сопатник Ф.Б. (39) и патник од „пасатот“, М.Ф. (38), сите од Република Албанија, кои биле пренесени во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид.
Со повреди се здобиле и Ј.Т. и неговиот сопатник Ф.Б. (35) од Република Албанија, констатирани во медицинскиот центар Струга.
Увид на местото извршила екипа од ОВР Струга.
Црна хроника
Камионџија од Грција нападна царински службеник, полицијата го приведе

Синоќа на граничниот премин „Табановце“, полициски службеници го привеле Н.Н.(42) од Република Грција.
Од МВР информираа дека тој се однесувал агресивно и физички нападнал царински службеник кој вршел царинска контрола на неговото товарно возило со кое пристигнал на преминот.
„Н.Н. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопшти полицијата.
Црна хроника
Скопјанец фатен со кокаин и оружје

Скопското обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против 38-годишен скопјанец за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.
„На 17 мај, при претрес во домот на осомничениот на улица Ѓорѓи Костовски, полициските службеници пронашле 9,9 грама кокаин и дигитална вага со траги од наркотична дрога. Во исто време, при претресот биле пронајдени и пиштол Berreta модел 950-В со калибар 6,35 мм и 20 куршуми од тој калибар, како и пиштол Ekol Tuna со калибар 8 мм“, информираа од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи оцени дека постои опасност тој да се даде во бегство или да ги повтори делата за кои е осомничен.