Црна хроника
Банди киднапираат имигранти во Македонија поради откуп
Албанска мафија во Македонија грабнува имигранти кои секојдневно минуваат низ државата на пат кон западна Европа, ги држат во една куќа во албанското село Ваксинце и бараат за нив откуп, јавува Channel 4.
На сајтот на британската телевизија во саботата како водечка вест е поставена репортажата, која во Македонија ја направила новинарката Рамита Наваи.
Притоа се наведува дека организираната група ги качува имигрантите во товарни возови на граничниот премин на Македонија со Грција кај Гевгелија и се превезуат во вагони без прозорци во кои е топло како во печка.
Стотина имигранти секоја недела не пристигнуваат во Србија како што е планирано, бидејќи со возови ги грабнува албанската мафија.
Ги чекаат лица вооружени со стапови и ножеви и кога имигрантите изнемоштени ќе излезат од металните вагони принудувани се да одат два часа во насока кон север до малото село Ваксинце, населено со етнички Албанци.
Во ова село се наоѓа куќа во која се држат заробени имигрантите. Во неколку мали соби има толку многу луѓе што не е можно да се дише, а кога спијат лежат едни преку други.
Невозможно е да се побегне, бидејќи околу куќата 24 часа кружи патрола од вооружени лица. На една видео снимка се гледа како чуварите тепаат имигранти.
Единствен излез им е да платат откуп од 500 до 1.000 евра, по што може пешки да се упатат кон Србија. На државјаните на Сирија им се наплаќа повеќе бидејќи се сметаат за побогати, наведува британски Channel 4. /крај/мф/ап
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Вработен во фабрика за медицински канабис во Охрид фатен со дрога
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ј.П.(42) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.
Според информациите на МВР, при излез од фабрика за производство на медицински канабис во Охрид, полициски службеници извршиле преглед на пријавениот, при што кај него бил пронајден и одземен хашиш.
Црна хроника
Ограбено финансиско друштво во Гази Баба, разбојникот ја скршил влезната врата
Разбојник ја скршил влезната врата на финансиско друштво во Скопје, влегол внатре и украл пари.
Вчера околу 05:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека во периодот од 19:00 часот на 09.02.2026 до 04:40 часот на 10.02.2026 со употреба на сила и подесен алат е скршено стакло од влезна врата на објект на финансиско друштво на подрачјето на Гази Баба во Скопје, по што е влезено внатре и се одземени пари.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Возач удри жена на улица во Скопје и побегна, МВР го пронајде
Вчера нешто пред 17 часот, на улицата Његошева во Скопје се случи сообраќајна несреќа во која 69-годишната В.Д. заврши со телесни повреди.
Возилото што ја удрило било „рено“ со скопски регистарски таблички, а зад воланот бил 46-годишниот А.С. Наместо да застане и да ѝ помогне, возачот – според пријавата во СВР Скопје – побегнал од местото на настанот.
Повредената жена била пренесена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што лекарите ѝ констатирале телесни повреди. Полицијата веднаш презела мерки за лоцирање на возачот, кој бил пронајден и со него бил извршен службен разговор.
Според информациите од СВР Скопје, за случајот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.

