Црна хроника
Грчки државјани се обиделе да прошверцуваат над 110 илјади евра во земјава
Двајца грчки државјани се обиделе нелегално да внесат во државава над 110 илјади евра, преку граничниот премин Дојран.
Во четвртокот (25.09) за влез во државата се пријавил автомобил со грчки регистарски таблички, управуван од грчки државјанин, во придружба на уште еден патник, исто така грчки државјанин.
Како што соопшти Царинска управа, на прашање на царинските службеници, лицата изјавиле дека немаат што да пријават за царинска контрола, но при извршениот преглед на личната ташна на патникот пронајдени се 21 чек на различни износи во вкупна вредност од 127.277 евра и 10.100 евра во готово.
Од Царинска управа информираат дека законот за девизно работење предвидува дека нерезиденти можат слободно да внесат девизни средства во противвредност на 10 илјади евра, па според тоа, бидејќи станува збор за две лица, 20 чека во вредност од 17.277 евра и 2.723 евра во готово им се вратени, додека еден чек на 110.000 евра и 7.380 евра во готово се одземени.
Против прекршителите е поведена прекршочна постапка.
Ова е втор случај на заплена на чекови на поголем износ од почетокот на неделава и трет од почетокот на годинава. Пред три дена (23.09) на граничниот премин Меџитлија беше спречен обид за нелегално пренесување на чекови во износ на 175 илјади евра, а во јануари на граничниот премин Богородица кај грчки државјанин беа откриени чекови во износ од 1.444.000 евра.
Покрај чекови, во 45 други случаи спречено е нелегално пренесување на готови пари во противвредност од околу 570 илјади евра, од кои 390.000 евра, 97.300 американски долари, 113.600 швајцарски франци, 13.700 бугарски лева и 28.300 дански круни.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
(Фото) Двајца уапсени, запленети 272 парчиња разновидна брендирана стока, 174 парчиња разновиден рачен алат без документација
Вчера на автопат Табановце-Куманово, полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при ОГРМ во два одвоени настани ги лишија од слобода Б.И (38) од Куманово и Б.С (41) од Скопје.

Полициските службеници прво сопреле патничко возило “Голф” со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.И. и при преглед на возилото пронајдени се 272 парчиња разновидна брендирана стока, без документација. Стоката е одземена, а лицето е лишено од слобода.

Во вториот настан, полициските службеници сопреле патничко возило “мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.С. и при преглед на возилото биле пронајдени 174 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација. Возилото и алатот се одземени, а лицето е лишено од слобода.

По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
фото: МВР
Црна хроника
Судот му одреди 30-дневен притвор на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје вечерва му одреди 30-дневен притвор на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, осомничен за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“, соопшти Судот.
Притворот е определен по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради постоење опасност од бегство и можност осомничениот да влијае врз сведоци и да ја попречи истрагата.
Според информациите од Обвинителството и МВР, Стафа во периодот од октомври до 13 декември 2025 година примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание кај судија во Апелациониот суд Скопје, со цел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Првично, осомничениот побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кое Обвинителството води постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На 6 октомври примил 30.000 евра, а на 13 декември побарал и примил уште 20.000 евра, по што бил лишен од слобода. При апсењето, кај него биле пронајдени паричните средства.
Фехми Стафа ја извршуваше функцијата државен правобранител од 2018 до 2022 година, кога беше разрешен. Во последниот период работеше како адвокат и беше меѓу кандидатите на последниот јавен оглас за избор на член на Судскиот совет.
Црна хроника
Приведен поранешниот државен правобранител, Фехми Стафа, за примање поткуп од 50.000 евра за да влијае кај судија
Полициски службеници по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го лишија од слобода поранешниот државен правобранител Фехми Стафа поради сторено кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.
Според МВР, во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, Стафа примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето влијание кај судија во Апелациониот суд Скопје за извршување службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Првично, осомничениот побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈО ГОКК води постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството.
На 6 октомври 2025 година примил 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13 декември 2025 година побарал и примил уште 20.000 евра.
Непосредно по примањето на вториот износ, Стафа бил лишен од слобода, а кај него биле пронајдени парите.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради сите околности што упатуваат на опасност од бегство, можност да изврши нови кривични дела или да влијае на постапката.
Фехми Стафа ја извршуваше функцијата државен правобранител од 2018 до 2022 година, кога беше разрешен. Во последниот период работеше како адвокат и беше меѓу кандидатите на последниот јавен оглас за избор на член на Судскиот совет.

