Црна хроника
Кога ќе излезам ќе ве исечам на парчиња, закана од обвинет од „Детонатор“ до судијката
Кога ќе излезам од затвор ќе ве исечам на парчиња, ќе ви ставиме бомба и вие ќе летнете, ова се дел од заканите коишто осудените во случајот „Детонатор“, Јорданчо Михајлов и Жан Железарски и’ ги упатиле на судијката во овој случај, Весна Димишкова при објавувањето на пресудата на 24 декември 2013 година.
Осудените во четвртокот повторно седнаа на обвинителна клупа и им се суди за заканите што и’ ги упатиле на судијката на денот на објавувањето на пресудата.Судијката Димишкова утрово пред Судот детално опиша што се случило и какви закани и упатиле обвинети од случајот „Детонатор“. Негодувањата започнале уште кога почнала со читањето на казните на обвинетите. „И вие ќе седнете на ова место, каде ќе ви оди душата, ова го судите по директива и вие имате семејство, ќе ви ставиме бомба и вие ќе летнете“, рекол Јорданчо Михајлов, додека Железарски и’ порачал дека „по дваесет години, кога ќе излезам од затвор, ќе ве исечам на парчиња од глава до доле“. Иако судијката претходно ги опоменала, ги погледнала директно во очи за да не го нарушуваат редот во судницата, негодувањата продолжиле, а кога судечкиот совет се повлекол за да одлучува за притворот на обвинетите тие продолжиле да и’ се закануваат и да ја навредуваат обвинителката, упатувајќи закани по нејзиниот живот.За заканите кон судијката, дознале и членовите на нејзиното семејство од медиумите, па нејзиното дете не сакало да оди во училиште.„Другарчињата во училиште го прашувале дали навистина мајка му ќе ’летне’. Додека траеше целиот процес, секогаш кога ќе го ставев во погон мојот автомобил си велев ’Фала ти Боже, не летнав’“, раскажа судијката која се плашела да не биде монтирана бомба под нејзиниот автомобил, имајќи предвид дека на дел од обвинетите им се судеше поради тоа што двапати му подметнаа бомба под автомобилот на кочанчанецот Драганчо Стојменов.По објавата на пресудата, припадници на МВР ја предупредиле да не го напушта судот без нивно обезбедување, бидејќи имале сознанија дека околу судот имало групи блиски на обвинетите кои ја чекале. Била спроведена со обезбедување, а една група ја чекала на раскрсницата на Македонската радио телевизија. Потоа одреден период била обезбедувана од полицијата.„По објавата на пресудата. од страв во возилото не дозволував да влезе заедно со мене моето дете, па од него барав да стои надвор од гаражата и да внимава да не го чукнам возилото додека излегувам, му давав да фрли отпадоци“, сведочеше Димишкова.Притисоците до судијката за овој случај почнале уште пред да почне судењето. На 12-ти септември 2012 година во нејзината канцеларија дошло лице кое и’ објаснувало дека и’ се јавило друго лице од Австрија кое сакало да и’ се пренесе на судијката дека тој ги знае обвинетите од мали нозе дека биле мирни деца и дека „ни на мравка не згазнале. Притисоци имала постојано, за време на судскиот процес и јавно ги опоменала роднините на обвинетите „ да престанат да ми праќаат ’сватови’, оти со тоа ништо нема да постигнат“. Судењето не е тонски и визуелно снимано, но членовите на судската полиција во Судот потврдија дека обвинетите и’ се заканувале на судијката.Обвинетиот Жан Железарски рече дека судијката не ја зборува вистината и дека на интернет имало „две илјади клипови снимени“ од објавувањето на пресудата и на нив се гледало дека нема никаква реакција од ниту еден обвинет.Јорданчо, пак, изјави дека во ниту еден момент не и’ се обратил на судијката , туку кога заминала на консултации по објавата на пресудата, искоментирал дека не е човечки ова што се случило, дека на секој може да му се случи да седне на обвинителна клупа, да биде наместен како што тие биле наместени од страна на Драганчо Стојменов. „Тој нé намести, ни го направи ова, дека има Господ и еден ден сé ќе излезе на виделина. Не знам каде ќе ви оди душата“, искоментирал наводно Михајлов. Во овој случај Железарски е осуден на казна затвор од 14,6 години, додека Јорданчо Михајлов на 12,6 години затвор.Судскиот совет ја објави одлуката за 15-мината обвинети за рекетирање и лихварство, во судскиот процес познат под името „Детонатор“. Во случајот им се судеше на 16 лица за лихварство, рекетирање и обиди за убиство, а двајца од нив беа осудени доживотен затвор./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец осомничен за семејно насилство, предложен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
„Осомничениот 41-годишник од Велес со непријавено престојувалиште во Скопје, при вршење семејно насилство, со умисла телесно ја повредил неговата вонбрачна партнерка.
Додека оштетената ја подготвувала да ја однесе во градинка нивната ќерка, тој најпрво започнал вербална расправија, а потоа со лажица за облекување чевли, во повеќе наврати ја удрил во пределот на главата.
Жртвата се повлекла во спалната соба од станот, каде осомничениот насилно ја турнал на креветот, го зел нејзиниот мобилен телефон и го фрлил на подот, почнал да ја плука по лицето и со неколку удари со бокс во главата и телото и нанел телесни повреди – контузија и хематоми.
Јавниот обвинител го имаше предвид фактот дека жртвата претходно го имала пријавено осомничениот за семејно насилство, но потоа го повлекла предлогот за кривично гонење. Затоа, заради обезбедување на присуството на осомничениот во текот на кривичната постапката и особено заради заштита од понатамошни насилни однесувања кон оштетената, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението на Обвинителството.
Црна хроника
Истрага за полов напад и уцена на девојче во липковско
Основното јавно обвинителство Куманово ќе поведе истражна постапка и ќе предложи мерка притвор за 2 лица за кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 2 во врска со став 1, а едниот од нив е осомничен и за кривично дело – Уцена согласно став 259 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
„Првоосомничениот, спротивно на јасно изразена волја, извршил полови дејствија врз малолетна девојка во липковско, а ја принудил на полови дејствија и со второосомничениот.
Потоа жртвата ја уценувал дека наводно ќе објави нејзини експлицитни фотографии доколку не му исплати 20.000 евра.
Девојчето било принудено да зема пари од дома без знаење на родителите и да позајмува од други лица, па во повеќе наврати му ги давала парите на првоосомничениот.
Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени кои се лишени од слобода.
Основното јавно обвинителство Куманово продолжува да презема истражни дејствија“, стои во соопштението на Обвинителството.
Топ
18-годишникот кој со автомобил усмрти жена во Капиштец немал возачка, од Македонија избегал преку Табановце
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело, информираат од Обвинителството.
„Осомничениот 18-годишник на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што го довел во опасност животот на луѓето.
По улицата “Народен Фронт” управувал автомобил “Фолскваген пасат’’ и со возилото извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала.
Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на осомничениот за предизвикување на сообраќајната несреќа да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази и определениот притвор, по него ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.

