Црна хроника
Обвинетиот за убиството во „Ѓорче Петров“ осуден на 14 години затвор
Кривичниот суд го осуди на 14 години затворска казна обвинетиот, Насер Ештрефи, за убиството на матурантот Ангел Петковски што се случи на 19-ти мај минатата година во скопската населба „Ѓорче Петров“.
Обвинителството и одбраната на обвинетиот останаа на своите становишта кои ги бранеа во текот на целото судење. Според обвинителството, обвинетиот го сторил делото со умисла, додека одбраната тврди дека станува збор за нужна одбрана, односно дека Ештрефи реагирал бидејќи бил нападнат од Ангел и неговиот татко.Во својот исказ обвинетиот пред судот рече дека немал намера да го убие Ангел и рече дека не се чувствува виновен. Ножот со којшто беше убиен Ангел сé уште не е најден. И таткото на Ангел, Сашо Петковски, и обвинетиот тврдат дека со себе не носеле нож.Инцидентот се случи кога обвинетиот Ештрефи од скопското село Грчец, украл велосипед од дворот на семејната куќа на Петковски.Таткото и синот го виделе, тргнале кон крадецот и му го блокирале патот да не побегне кон мостот што од населбата „Ѓорче Петров“ води кон селото Сарај.Според обвинението, обвинетиот извадил нож со еднострано сечило и замавнал двапати кон Ангел нанесувајќи му убодна рана на десната страна на градниот кош. Таткото на Ангел потоа го нападнал осомничениот со дрвен стап, по што обвинетиот избегал. Обвинетиот пак тврдеше дека ножот го видел на земјата и замавнувал со него, за да се одбрани.Таткото заедно со повреденото момче се упатиле до Европската очна болница да побараат медицинска помош, но момчето почина. По убиството на матурантот во скопската населба имаше протести коишто ескалираа па имаше и повредени и приведени./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

