Црна хроника
Спречен обид за шверц на 14,7 килограми марихуана
Царинските службеници од Одделението за оперативни работи – мобилни тимови во петокот спречија обид за шверц на марихуана преку граничниот премин Табановце – автопат.
На граничниот премин Табановце на излез од Македонија во петокот пристигнало патничко моторно возило со германски регистарски ознаки, управувано од германски државјанин. На прашање на царинскиот службеник дали има нешто да пријави за царинска контрола, лицето одговорило негативно.
Возилото потоа било селектирано за детална контрола, првично со царински пес кој дал индикации за присуство на наркотични средства, по што било пристапено кон детален преглед. Притоа во повеќе фабрички делови од возилото (над предното десно тркало, во наслонот на возачкото и совозачкото седиште, во задниот лев и десен дел на багажникот и во десниот дел на предниот браник) биле пронајдени 15 пакувања наполнети со марихуана, облепени со кафеава селотејп трака со вкупна тежина од околу 14,680 килограми.
Осомничениот ја набавил марихуаната во Западна Македонија и имал намера да ја пренесе во западно-европските земји. Царинската управа поднесе кривична пријава за „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното Јавно обвинителство во Куманово, а осомничениот е изнесен пред судија на претходна постапка.
Одделението продолжува со натамошни мерки и активности за откривање на други инволвирани лица во кривичното дело./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Жена од скопско село измамена за 95.400 денари со лажно ветување за стан и вработување
54-годишна жена од скопско село пријавила дека била измамена за сума од 95.400 денари.
Според пријавеното, во текот на изминатата година таа во неколку наврати му исплатила пари на едно лице, кое ѝ ветувало дека ќе ѝ помогне да купи стан во Скопје и да ја вработи нејзината ќерка како цариник.
Како што било пријавено, по извесно време лицето престанало да одговара на нејзините телефонски повици, по што таа сфатила дека била измамена.
Од СВР Скопје информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Тепачка во авион од Германија што слетал на скопскиот аеродром
Тепачка се случила вчера во авион од Германија што слетал на скопскиот аеродром.
Според информациите од МВР, вчера во 17:00 часот во СВР Скопје, од Граничен премин Меѓународен аеродром Скопје е пријавено дека околу 16:40 часот во авион кој слетал од Германија бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Г.Ф.(49) од Германија и 45-годишната Г.Ф. од Скопје од една страна и Ш.С.(38) од с.Лопате, кумановско, од друга страна.
По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Црна хроника
16-годишник со автомобил удрил во пешак во Скопје
Вчера околу 22:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Македонско- косовска бригада“ во Скопје, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 16-годишник од Скопје, удрило во пешакот М.И.(57) од Скопје.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје. По целосно дококументирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

