Црна хроника
Спречен шверц на златен накит, монети, кучиња, цигари и ракија
Минатата недела и викендот, царинските службеници спречија повеќе обиди за шверц на стока, но и царинска измама. Притоа привремено се задржани златен накит, монети, две кучиња, цигари, ракија и друго.
На граничниот премин Богородица, при контрола на германски автомобил, управуван од германски државјанин, пријавен за влез во државата биле откриени 16 парчиња 21-каратен златен накит (нараквици, ѓердан, прстен и обетки) со вкупна маса од 227 грама. Златниот накит е пронајден во украсна кутија скриена во фабричка преграда под возачкото седиште на возилото.
На граничниот премин Табановце автопат при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, на влез во државата биле откриени 293 стари монети. Непријавените монети се пронајдени во патна торба, сместена на задното седиште на возилото.
При контрола на патничко моторно возило со косовски регистарски таблички, пријавено за излез од Република Македонија на граничниот премин Јажинце, царинските инспектори од Одделението за истраги, во багажниот простор на возилото пронајдоа две кучиња од расата „Азијат“, за кои возачот, косовски државјанин, изјавил дека потекнуваат од Украина, а во Република Македонија се донесени од за него непознато лице.
Возачот приложил и пасоши за кучињата, издадени во Украина, за кои царинските инспектори утврдиле дека не се комплетни, односно не ги содржат податоците за идентификација и за утврдување на потеклото на кучињата. За сторениот прекршок на прекршителот му е изречена глоба во износ од 500 евра, а кучињата се одземени и сместени во соодветни услови во Центарот за обука и дресирање на кучиња (Единица за службени кучиња) на МВР во Идризово.
При контрола на македонски автомобил извршена на патниот правец Кавадарци – Велес, мобилните царински тимови откриле 30 пластични туби со 290 литри ракија. Ракијата, за која возачот не поседувал никакви документи за сопственост, потекло и платени акцизни давачки, е пронајдена во багажниот простор, зад предните седишта и кај совозачкото седиште.
Царинските службеници од Службата за надзор на иматели на одобренија при Царинарница Битола открија и една царинска измама, односно обид за избегнување на плаќање увозни давачки во износ од околу 244 илјади денари. Контролата извршена во магацинските простории и во книговодствената евиденција на фирма од Прилеп – имател на одобрение за увоз за облагородување, покажа недостаток од 7.280 готови текстилни производи, што претходно биле евидентирани со една увозна царинска декларација, како стока вратена за поправка./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

