Црна хроника
Тешко повредените во сообраќајката кај Велешта надвор од животна опасност
Состојбата на повредените во тешката сообраќајна незгода, што во среда нешто по 13 часот се случи на регионалниот пат Дебар – Струга кај селото Велешта, е стабилна, информираат од специјалната болница Св. Еразмо во Охрид.
Таму вчера попладне од општата болница во Струга беа пренесени тројца потешко повредени. Една жена кај која биле констатирани повреди на главата и рамото, по извршената имобилизација била пуштена на домашно лекување, додека другите двајца пациенти се задржани на понатамошно иследување.
„Сите пациенти се во стабилна состојба и во моментов се надвор од животна опасност. Еден од потешко повредените е пренесен на одделението за интензивна нега, каде се следи неговата здравствена состојба“, изјави Д-р Митре Милошоски – неврохирург во специјалната болница Св. Еразмо, пренесува Ohridnews.
Во судирот на минибус и камион, повредени беа 11 лица, повеќето ученици. Полесно повредените биле пренесени во општата болница во Струга, а по укажаната помош најголемиот дел од нив се пуштени на домашно лекување.
Како што информираа од СВР Охрид, сообраќајната незгода се случила во момент кога минибусот со струшки регистарски таблици кој вршел превоз на патници на релацијата Лабуништа-Струга изгубил контрола над возилото и скршнал на спротивната коловозна лента при што со предниот дел удрил во левата страна во камион марка „Ивеко“ со скопски регистарски таблици.
На местото на настанот извршен е увид, а истражните органи работат на утврдување на причините кои довеле до сообраќајната незгода.крај/мф
Извор: OhridNews
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

