Црна хроника
Видео: Дрпљанин во Штип ќе ги издржува затворските казни за убиство и тешки кражби
Еден од најбруталните убијци и криминалци, Алмир Дрпљанин, во понеделникот беше екстрадиран од косовскиот затвор Дубрава во штипскиот затвор каде ќе треба ги издржува затворските казни на коишто е осуден во Македонија.
Во земјава Дрпљанин е осуден на доживотен затвор за убиство, на казна затвор од 15 години за разбојништво, на две затворски казни во времетраење од една и од две години затвор за тешка кражба, а има и уште две условни казни за тешка кражба.Но, тој ќе биде предмет и на дополнителна истрага, бидејќи постојат сериозни индиции дека Алмир Дрпљанин бил инволвиран и во други тешки кривични дела извршени на територијата на Македонија за кои до овој момент не му е поднесена кривична пријава. „Со оглед на фактот што голем дел од нив не застаруваат, по неговата екстрадиција, Дрпљанин ќе биде предмет на дополнителна истрага“, соопштија во вторникот од Министерството за внатрешни работи.Триесет ипетгодишниот Дрпљанин беше уапсен летото 2012 година во Урошевац, на Косово, откако косовската полиција во станот каде престојувал најде огромен арсенал оружје, односно автоматски пушки, пиштоли, снајпер, панцири и униформи, но и големо количество злато за кое се претпоставува дека потекнува од вооружените грабежи во Скопје и во Тетово.По Дрпљанин беа распишани неколку меѓународни и поголем број национални потерници за бројни тешки кривични дела извршени во Македонија.Во мај 2010 година тој беше осуден на казна доживотен затвор за напад врз патролата на припадниците на мобилната „Алфа“ единица кај Природно математичкиот факултет во Скопје во ноември 2008 година, во кој беше убиен полицаецот Африм Арифи, а двајца негови колеги кои за влакно ја избегнаа смртта, но останаа тешки инвалиди.На казна затвор во времетраење од 15 години е осуден и за разбојништвото извршено врз комбето на „Македонски пошти“ во скопската населба Чаир, кога беа украдени 900 илјади евра. Дрпљанин беше осомничен за уште едно разбојништво во Скопје, во кое беа украдени над 4 милиони денари и за грабеж во тетовска златарница, од каде што беше однесено злато вредно стотина илјади евра.Со пресуда на Основниот суд Скопје од 13-ти октомври 2005 година е казнет со затвор од 1 година и 4 месеци и условно за пет години за сторено кривично дело тешка кражба. Истиот суд, со пресуда од 25-ти септември 2007 година, го казни со затвор од една година и шест месеци и условно за три години за сторено кривично дело тешка кражба. Една година подоцна, на 3-ти јануари 2008-та, повторно е казнет со затвор од една година за сторено кривично дело тешка кражба. На 5-ти октомври 2010 година добива уште една затворска казна од две години за сторено кривично дело тешка кражба./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

