Црна хроника
Жената која загина кај „Зебра“ била новинар во Македонското радио
Жената која загина во вторникот вечерта во сообраќајка во скопската населба Капиштец, Сузана Тодоровска Павловска работела како новинар во Македонското радио.
Тодоровска Павловска е родена на 30 март 1965 година во Скопје. Дипломирала на Филозофскиот факултет, Институт за психологија, а од 1991 година редовно е вработена во вториот програмски сервис на Македонското радио. Со нејзиниот професионален новинарски ангажман, посветеност и одговорност, во 1998 година доаѓа на местото уредник во редакција. Десет години подоцна е назначена за главен и одговорен уредник за вториот програмски сервис – Радио 2, функција која успешно ја извршуваше во следните три години. Во центарот на нејзиниот богат новинарски опус беа културните настани, а главен интерес и беа филмската уметност и подвижните слики на кои им го посвети најголемиот дел од својата кариера. Погребот ќе биде извршен утре, на гробиштата во Ѓорче Петров.Жената загина на лице место кога автомобил „опел“ удрил во нејзе, а потоа во метална ограда и преку скали се заби во излог. Во автомобилот биле возачот и уште една сопатничка. И двајцата биле пренесени во Ургентниот центар, а сопатничката веќе е пуштена на домашно лекување./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

