Црна хроника
(Видео) Десет килограми кокаин откриени во автомобил во скопско
Во координирана акција на Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи, во текот на вчерашниот ден беа откриени 10 килограми кокаин со висока чистота, скриени во автомобил БМВ X5 со скопски регистарски ознаки.
Автомобилот бил сопрен во селото Горно Количани, по што јавниот обвинител од судија на претходна постапка обезбеди наредба за детален претрес и во импровизиран бункер во подвозјето на возилото беше пронајдена дрогата.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 26-годишникот кој го управувал автомобилот за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. За осомничениот ќе биде предложена мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и соучесници, како и веројатност да продолжи да врши кривични дела.
Бидејќи станува збор за големо количество дрога, јавниот обвинител издава повеќе наредби со цел испитување на потеклото на кокаинот и неговата крајна дестинација, како и можни други инволвирани лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Осомничен за убиството во Старата чаршија уапсен на Косово, почнува постапка за екстрадиција
Обвинителството донесе Наредба за спроведување истражна постапка против турски државјанин за кого постои основано сомнение дека е извршител на кривично дело – Убиство од член 123, како и едно кривично дело Убиство во обид односно согласно член 123 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Во новогодишната ноќ, во кафе бар во Старата скопска чаршија, осомничениот 25-годишник со престојувалиште во Тетово започнал расправија со двајца други турски државјани на возраст од 22 и 23 години, од кои едниот со престојувалиште во Скопје, а другиот жител на германскиот град Есен.
По расправијата, двајцата оштетени со други лица заминале кон плоштадот, меѓутоа бидејќи не успеале да најдат такси повторно се вратиле кон чаршијата и поминале во близина на истиот кафе бар. При повторна средба со осомничениот, расправијата продолжила, а тој извадил нож со кој му нанел четири удари во градниот кош и срцето на оштетениот Ахмет Мерт Доган, кој починал на лице место. Со еден удар му нанел телесна повреда – убодна рана во грбот и на другиот оштетен, со намера и него да го лиши од живот, по што побегнал од местото на настанот.
Во текот на вчерашниот ден беа преземени повеќе дејствија за обезбедување докази, беше наредена обдукција на починатиот, беа подигнати траги за вештачење, беа извршени разговори со повеќе лица, а беа обезбедени и снимки од видео надзор преку кои беше извршена идентификација на осомничениот.
Со дејствија на потрага истражните органи добија сознанија дека осомничениот се наоѓа во Косово, каде е лишен од слобода од косовските органи, така што јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор во отсуство врз основа на кој веднаш ќе биде иницирана постапка за екстрадиција.
Топ
Почина двегодишно дете повредено на новогодишната ноќ, обвинителството нареди обдукција
Двегодишното дете кое беше тешко повредено за време на новогодишната ноќ, утринава почина на клиника во Скопје.
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека во однос на случајот е издадена наредба за обдукција на телото, со цел целосно расветлување на причините и околностите под кои настанала трагедијата.
Според досегашните сознанија, детето било надвор со својата мајка, каде присуствувале на новогодишна прослава и огномет, кога било погодено од метален проектил, за кој се сомнева дека станува збор за залутан куршум.
Засега нема официјални информации за локацијата на несреќата.
Топ
Поднесено обвинение за скопјанецот кој усмрти велосипедист на булеварот „Гоце Делчев“
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против 37-годишен скопјанец за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
На обвинетиот му се става на товар дека на 03.11.2025 година, околу пладне, управувал автомобил „Фолксваген пасат“ по булеварот „Гоце Делчев“ во Скопје, но не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.
Пред крстосницата со улицата „Лазар Личеноски“, на пешачки премин не ја намалил брзината и возел 53 км/час, односно повеќе од дозволеното во населеното место. Не можел навремено да запре и со предниот дел од возилото удрил во велосипед кој поминувал по пешачкиот премин. Од ударот, велосипедистот Јорго Ќука се здобил со тешки телесни повреди од кои починал на лице место.
За ова кривично дело е запретена затворска казна од најмалку четири години, односно настанот е квалификуван како најтешко кривично дело од областа на сообраќајот.

