Економија
Ако залади, грејната сезона може да почне и порано
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги одржа координативен состанок со снабдувачите на топлинска енергија „Снабдување со топлина БЕГ“, „ЕСМ енергетика“ и „Скопје Север“. Претставниците на енергетските компании разговараа со регулаторите за подготвеноста на топланите за снабдување со топлинска енергија во пресрет на новата грејна сезона 2020/2021 година.
„БЕГ, ‘ЕСМ енергетика’ и ‘Скопје Север’ ги имаат направено сите неопходни подготовки за почеток на грејната сезона. Две опции се можни во однос на почетокот на грејната сезона. Според првата, грејната сезона почнува на 15 октомври и трае до 15 април наредната година. Според втората опција, по исклучок, снабдувањето може да почне и од 1 октомври доколку прогнозата за средната надворешна температура за следниот ден е помала или еднаква од 12 Целзиусови степени, според податоците на УХМР. Инаку, сите три топлани согласно препораките од Министерството за здравство се соодветно организирани во тимови што ќе работат на смени сè со цел да им излезат во пресрет на потребите на потрошувачите. Во изминатиот период поради состојбата со Ковид19, повеќето од енергетските компании ги дигитализираа услугите за информирање и пријавување на дефекти за сервис преку соодветни платформи на нивните веб-страници.
Да ве информирам дека до 31 октомври поедноставени се условите за исклучување на корисниците на топлинска енергија од системот чии што станови се празни, односно не се користат. Граѓаните ќе треба да достават само барање за исклучување и изјава до снабдувачот, кое практично и автоматски ќе се прифати, со што овие граѓани ќе го плаќаат фиксниот надоместок за топлинска енергија. Но, по завршувањето на грејната сезона, овие граѓани ќе мора да потврдат дека станот бил празен во текот на грејната сезона, со тоа што во мај наредната година ќе треба да приложат сметки за електрична енергија со максимална дозволена фактурирана потрошувачка до 50 kW/h месечно или максимално до 350 kWh за изминатата грејна сезона“, изјави претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски.
Во Скопје вкупно 60.000 домаќинства и објекти се греат на топлинска енергија. Од почетокот на годината до сега има околу 1.000 нови потрошувачи приклучени на системот за дистрибуција на топлина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

