Економија
Ангеловска-Бежоска за „НИН“: Носење проактивни економски политики за поголема отпорност на идните предизвици

„Иако успешно поминавме низ голема економска бура, сѐ уште се соочуваме со променливи светски услови, поради што е потребна постојана будност и приспособливост“, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во авторски текст во престижниот српски неделник „НИН“. Во текстот гувернерката ја анализира последната инфлациска криза и одговорот на централните банки, којшто овозможи стабилизација без притоа економиите да западнат во рецесија, или, пак, да има последици за финансиската стабилност. Ангеловска-Бежоска посочува дека со оглед на значителното намалување на инфлацијата, централните банки започнаа со циклусот на олабавување на монетарната политика. Притоа, таа ја нагласува потребата за проактивни економски политики коишто можат брзо и ефективно да се справат со сложените предизвици коишто може повторно да се појават во иднина.
Гувернерката посочува дека и покрај смирувањето на инфлацијата, сепак и понатаму има предизвици поврзани со поголемата инерција кај нејзината базична компонента. Таа наведува дека базичната инфлација во регионот од 5%, иако е преполовена во однос на нејзината највисока вредност во кризата, сепак е поотпорна во однос на вкупната инфлација којашто е намалена за 80%. „Оваа упорност е во голема мера нагласена со динамиката на растот на платите, којашто во просек изнесува 12% номинално и 8% во реални услови, со што се истакнува можната улога на политиките за платите во одржувањето на овие ценовни притисоци“, посочува гувернерката.
Во однос на останатите политики, таа истакнува дека при минатите кризи фискалниот одговор ги поддржа економиите, но таа поддршка имаше цена, исцрпувајќи го фискалниот простор и зголемувајќи ги дефицитите и јавниот долг. „Оттука, задржувањето на определбата за фискална консолидација ќе биде од суштинско значење во наредниот период, не само за да се обезбеди фискална одржливост, туку и за да се обезбеди неопходната поддршка за монетарната политика“, посочува Ангеловска-Бежоска. Во текстот се истакнува дека структурните фактори како што се деглобализацијата, стареењето на населението и климатските промени, заедно со технолошкиот напредок како вештачката интелигенција и натаму ќе влијаат врз потенцијалот за раст. За да се приспособиме кон нив ќе биде потребен проактивен пристап преку структурните реформи, овозможувајќи им на економиите да бидат отпорни на можните нарушувања во снабдувањето и да ги ублажат инфлациските притисоци на подолг рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Мицкоски: Нова инвестиција од 30 милиони евра и 300 нови вработувања

Gentherm со нов инвестициски циклус го потврдува она што сите го чувствуваме, дека Македонија станува сигурна дестинација за долгорочни, стратешки и технолошки напредни инвестиции, истакна
премиерот Христијан Мицкоски.
Инвестицијата согласно деловниот план на компанијата ќе изнесува повеќе од 30 милиони евра со 300 нови вработувања и станува збор за високо интегрирани системи за автомобилската индустрија – со нова технолошка опрема, автоматизирани линии и современо производство. Ова значително ќе го зголеми извозот и ова е високо технолошко производство кое докажува дека сме конкурентни и на тој пазар, најави Мицкоски.
Со тоа, како што рече, стануваме регионален хаб на Gentherm за Европа.
Ова, додаде Мицкоски не е само уште една инвестиција туку двигател на нашата економија.
„Со вакви проекти расте индустриското производство, се отвораат нови работни места, се зголемува извозот, а со тоа расте и довербата во нашата економија, расте вредноста на македонското знаење, умеење и труд. Во време кога владите трошеа енергија на корупција, на непотизам и на лажни ветувања, ние градиме реално, отвораме фабрики, носиме инвеститори, креираме иднина.
Се бориме за секој инвеститор домашен и странски. За секоја нова хала, секое ново работно место, секој денар инвестиран овде“, додаде тој.
Оцени дека економијата не се води со пароли, туку со проекти, со партнерства и со сигурни инвестиции.
„Gentherm е уште еден доказ дека доаѓа времето на Македонија“.
Економија
Стојаноски: За првпат после долго време, носиме ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет, се обрати и истакна дека ребалансот е резултат на анализа, одговорност и јасна визија. Според него, со зголемени приходи и рационално трошење, се вложува во плати, пензии, образование, здравство, транспорт, локален развој и млади. Стојаноски додаде дека ова не е симболика, туку конкретна инвестиција во квалитетен и достоинствен живот за сите граѓани во земјава.
,,Ова е порака, порака за нова економска парадигма, порака за домаќинско водење на државните финансии, порака дека не чекаме кризите да не затекнат, туку со рационален пристап и силна политичка волја ги пренасочуваме средствата таму каде што најмногу треба кај граѓаните. Затоа што буџетот, тоа не се само бројки. Тоа е политика во својата најконкретна форма За првпат после долго време, носиме Ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи“, рече Стојаноски.
Истакна дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за плати 800 милиони денари, пензии 2,5 милијарди денари и капитални проекти 300 милиони денари, со што се засилува економскиот развој.
,,Оваа рамка е показател дека Буџетот не е притиснат и потрошен, туку управуван мудро и рационално. Приходите растат, трошењето е контролирано, а приоритетите се кристално јасни“, кажа Стојаноски.
Тој посочи дека ова ќе овозможи повеќе луѓе со попреченост да живеат во заедницата, а не во институции, а ќе има повеќе лични асистенти, повеќе дневни центри, повеќе услуги достапни во секоја општина. Тој напомена и дека најважно од се е тоа што значи дека младите не се заборавени, туку активно вклучени во секоја социјална политика.
Тој додаде дека овој ребаланс значи вложување во луѓето и иднината, во подобри услови за факултети, студентски домови и училишта, во достапен транспорт и здравство за сите, без разлика каде живеат, во поддршка за културата, енергетска независност и младите. Според него, ова не е трошок туку инвестиција во достоинствен живот.
Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.