Економија
Ангеловска-Бежоска ‒ Бомгартнер: Монетарната политика е поставена да одговори на нагорните инфлациски движења

Поради последните податоци за инфлацијата, којашто и во април забрза, како и поради влијанието на ваквите остварувања врз инфлациските очекувања, Народната банка продолжи со постепеното зголемување на основната камата. Притоа, затегнувањето на монетарната политика е умерено. Ценовната стабилност е неопходен предуслов за поддршка на стабилен и долгорочен економски раст.
Ова беше истакнато на средбата меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и амбасадорот на Република Франција во земјава, Сирил Бомгартнер, и регионалната советничка за економски прашања, Флоренс Добел. На средбата се разговараше главно за согледувањата на Народната банка за состојбите во економијата, додека сè уште постои неизвесност поради енергетската криза и воениот конфликт во Украина, како и за очекувањата за следниот период.
Се разгледаа и макроекономските проекции и очекувањата за македонската економија за претстојниот период, имајќи предвид дека тие се важни и за согледувањата на Европската комисија за состојбите во нашата држава. Во тој контекст беше посочено дека од исклучително значење на Народната банка е продолжувањето на можноста за користење девизна ликвидност преку реполинијата кај Европската централната банка, што беше резултат на позитивните оцени за работењето на Народната банка од страна на европските институции. Оваа можност е сè уште отворена и досега не е користена од страна на Народната банка.
На средбата беше зборувано и за движењата во банкарскиот систем и за показателите за финансиската стабилност. Притоа, беше истакнато дека од особено значење е што поскоро да се усвои регулативната рамка со којашто ќе се овозможи продлабочување на активностите на Народната банка во доменот на макропрудентната политика. Со тоа, ќе се овозможи јасно дефиниран мандат на централната банка за донесување макропрудентна стратегија и за преземање макропрудентни мерки, заради зајакнување и одржување на финансиската стабилност, како еден од столбовите на макроекономската стабилност во државата.
Во завршницата на средбата беше посочено дека работењето на Народната банка е оценето како успешно од меѓународните финансиски институции, поради што нејзините согледувања, оцени и одлуки стануваат клучни за видувањата и оцените и на дипломатскиот кор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Обезбедени се 25 милиони евра за изградба на две фотонапонски електрани во земјава

АД ЕСМ потпиша договор со ЕБРД за поволна кредитна линија за изградба на две фотонапонски електрани, ФЕ Битола-1 од 20MW и ФЕ Осломеј-2 од 10 MW.
Изградбата на двете електрани ќе чини околу 25 милиони евра, од кои 5,7 милиони евра ќе бидат грант од Европската комисија, што го намалува кредитот и самите трошоци за изградба за 20%.
„ФЕ Битола-1 од 20MW ќе значи почеток на енергетската транзиција на РЕК Битола. Електраната ќе биде изградена врз исцрпен рудник за јаглен и ќе биде најголема сончева електрана во државна сопственост. За РЕК Битола се подготвуваат и други проекти за фотонапонски електрани во кругот на комбинатот, од уште 260MW.
ФЕ Осломеј-2 од 10MW во Кичево ќе биде продолжение на почнатиот процес на енергетска транзиција на РЕК Осломеј, каде се подготвува почеток на изградбатата на уште две ФЕ од вкупнo 100MW.
Нашата крајна цел е овие капацитети кои работата на јаглен целосно да ги замениме со електрани кои работат на сонце, а во РЕК Битола делумно и со гасна електрана.
Во моментот АД ЕСМ е во тек на реализација на 12 проекти во обновливи извори на енергија, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1760MW, што е повеќе од постоечката инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM, од 1420MW“ се вели во соопштението од АД ЕСМ.
Економија
Дизелот се намалува два и пол денар, бензините остануваат со иста цена

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,85 % во однос на одлуката од 29.6.2022 година.
Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“, како и на „мазутот М-1 НС“ не се менуваат.
Малопродажната цена на „евродизелот (Д-Е V)“ се намалува 2,50 денара/л.
Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1 ) се намалува 2,00 денара/л.
Од 2.7.2022 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– моторен бензин „евуросупер БС-95“ – 109,00 (денари/литар)
– моторен бензин „евросупер БС-98“ – 111,50 (денари/литар)
– дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 104,00 (денари/литар)
– масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 103,00 (денари/литар)
– „мазут М-1 НС“ – 53,305 (денари/килограм)
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 0,573 %, кај дизелот 3,326 %, кај екстра-лесното масло 3,241 % и кај мазутот има зголемување од 1,197 %.
Економија
„Еуроникел“: „Фени“ не се затвора, ниту работниците ќе останат без работа, почнува планиран ремонт

Нема отпуштања од работа, ниту затворање на фабриката за преработка на руда „Фени“, со која од 2018 година стопанисува „Еуроникел“, домашен претставник на швајцарскиот фонд ГСОЛ. На социјалните мрежи, но и во неколку медиуми, од синоќа се шират вести дека е сопрено производството, дека печките се ставени на неопходниот минимум, дека фабриката ќе се затвори поради продажба на Бугари и работниците ќе останат на улица, а како една од причините се наведува поскапувањето на струјата. Од „Еуроникел“ за „А1он“ објаснуваат дека почнуваат планиран ремонт, кој некој го искористил за ширење лаги за да им наштети на фабриката и на вработените.
„Лажни се наводите дека се затвора ‘Еуроникел’. Напротив, влегуваме во плански ремонт во периодот што следува, со цел да се надмине временската рамка на диспаритет меѓу цената на електрична енергија, која е огромна, и цената на никелот, која е во надолна линија. Сите вработени се на работа, ниту некој останува без работа ниту, пак, фабриката се продава. Ваквите малициозни дезинформации имаат намера само да им наштетат на фабриката и на вработените, а со тоа и на домашната економија, во која ‘Еуроникел’ има огромен удел и, за жал, не е првпат да се соочуваме со вакви клевети“, велат од „Еуроникел“.
Швајцарскиот фонд ГСОЛ ги презеде сите долгови на фабриката „Фени“, која имаше активен стечај, и од март 2018 година го рестартира производството, а главната битка за преземање на „Фени“ ја водеше со бугарската компанија „Енекод“, која доби можност да ја преземе, но не ги уплати бараните средства и фабриката отиде во стечај.