Економија
Ангеловска: Жените и е-трговијата ќе одиграат клучна улога во закрепнувањето од Ковид-19
Владите треба да го дадат својот придонес за да го олеснат патот за жените во водењето бизнис, да креираат регулативи и платформи за поврзување кои ќе им помогнат, а со тоа и ќе дадат придонес во справувањето со Ковид-19 кризата, бидејќи жените можат да одиграат клучна улога. Синергијата која можат жените да ја дадат задно со е-трговијата може значајно да придонесе во адаптирањето кон новото нормално и воедно креирање на додадена вредност. Ова го порача министерката за финансии Нина Ангеловска на една од дискусиите на 6-дневната конференција организирана од страна на Комисијата на Обединетите нации за меѓународна трговија и право – УНЦИТРАЛ насловен „Одговор на Ковид-19 и опоравување“
Оваа конференција на високо ниво траеше 6 дена, на 6 теми поврзани со предизвиците од коронавирусот, а во соработка со UN women. Ангеловска зема учество на темата „Родова еднаквост, трговија и КОВИД”, каде се дискутираше за неискоритсениот потенцијал на жените, нивната клучна улога во кризата, засегнатоста на оваа целна група од кризата, особено малите претпријатија управувани од жени. Во дискусијата учествуваа и претставници на Светска банка, на ОН жени, на министерства од други земји, додека за настанот имаше регистрирано над 800 слушатели.
„Исклучителни времиња бараат исклучителна трансформација и адаптација. Имаме историска можност за е-трговијата и за жените. Сите треба да го дадат својот придонес – Владите да се фокусираат преку регулативата да го олеснат патот за приватниот сектор и за жените, да овозможат амбиент за нови бизнис модели, нови начини на соработка, за платформи за е-продажба и раст на е-трговијата и отварање на можности за поголема конкурентност и освојување на нови пазари. Приватниот сектор треба да вложи напори во адаптација на новата нормала – нови практики на работење, адаптација на бизнис моделот, имплементирање нови технологии. Жените треба да ги охрабриме, да им го олесиме патот да го дадат својот придонес, да се вклучат во клучните процеси. Сега е поважно од било кога да го отклучиме неискористениот потенцијал на жените – тие ќе одиграат клучна улога во брзината на закрепнување на нашите економии“, посочи Ангеловска.
Таа го истакна значењето на платформите за е-трговија, како и на технологијата која понатаму ќе одигра голема улога во функционирањето во новата нормала. Рече дека македонската Влада преземала активности во оваа насока, како овозможување на фактура во електронски формат, електронски апликации кои претходно биле исклучиво во хартиена форма, како и дека преку мерките се огледа фокусот кон технологиите како што се ваучерите за ко-финансисрање на обуки за ИТ вештини, интрументите од Фондот за иновации за брза адаптација и целокупно преку начинот на имплементација на мерките. Во однос на е-трговијата таа посочи дека значајно расте бројот на нови е-продавници и е-трансакции и дека само во март 2020 има отворено скоро еднаков број на е-продавници, како за цела 2019 година.
Во насока на политиките за поддршка на жените во овие услови на криза, Ангеловска посочи дека во третиот сет антикризни мерки кои ги предвиде Владата, предвидена е третата линија бескаматни кредити во висина од 31 милион евра која треба да стане функционална наесен. Грант од 30% од кредитот ќе им биде доделен на фирми кои се водени или основани од жена, кои вработуваат млади лица, кои се извозно ориентирани или кои ќе воведат иновации, дигитализација и е-трговија во нивното работење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.
Економија
Електродистрибуција го имплементира најновиот систем SIEMENS SCADA за дигитално управување со мрежа – Скопје
Во финална фаза на имплементација е најновиот SIEMENS SCADA систем за дигитално управување со среднонапонска и високонапонска мрежа, со што значително ќе се унапреди дигиталната трансформација и системите за далечинско управување и мониторинг, соопштија од компанијата.
Со помош на најновиот SCADA систем, како што е појаснето, ќе се оствари меѓусебно поврзување на диспечерските центри на ЕВН и МЕПСО со цел поквалитетно водење на целата електроенергетска мрежа во државата.
„Со инвестиција од еден милион евра, најсовремениот SCADA систем овозможува повисоко ниво на автоматизација, сигурност и оперативна контрола, што претставува клучен предуслов за ефикасна енергетска транзиција и поголема диверзификација на изворите на електрична енергија во земјата. Системот има особено значење во периоди кога сѐ поголем број фотонапонски централи се приклучуваат на дистрибутивната мрежа. Досега се регистрирани 2.963 нови приклучоци од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 860 MW, што во одредени ситуации може да претставува предизвик за стабилноста на енергетскиот систем. Со ваквите инвестиции во дигитализација на клучните процеси, Електродистрибуција обезбедува поквалитетни, доверливи и поефикасни услуги за своите корисници и ја зацврстува сигурноста и ефикасноста на мрежата, потврдувајќи ја својата заложба за модерна, транспарентна и дигитална енергетска инфраструктура“.

