Економија
Ангеловска: Каматите на кредитите не може да бидат укинати, банкарскиот сектор треба да биде стабилен

Банките ќе пресметуваат камати на одложените кредити за да се овозможи нормално функционирање на банкарскиот сектор. Министерката за финансии, Нина Ангеловска, вели дека функционирањето на банкарскиот систем е исклучително важно оти тој треба да влијае на ликвидноста, да кредитира и да му помага на приватниот сектор и во кризата, но и по кризата.
„Кога се поставува прашањето дали каматите ќе бидат укинати, замрзнати, одложени или опростени, треба да имаме предвид дека дури и во земјите во кои се воведе таканаречен мораториум, каматите не се бришат комплетно или одложуваат или опростуваат. Словенија, Црна Гора, Албанија, Србија ќе ги земеме за пример. Некои од овие земји имаат мораториум, но редовните камати течат и се пресметуваат и тие се репрограмираат понатаму во следниот период како што се репрограмира отплатата. Секоја банка за себе во зависност од договорот со клиентот кажува дали и за колку ќе се помести целосната отплата на кредитот. Многу е важно да знаеме дека заштитата на банкарскиот сектор не значи дека Владата не бара од банките да се солидаризираат, туку значи дека цели граѓаните да ги заштити и на долг рок бидејќи стабилноста и на банкарскиот сектор е важна за заштита и стабилност на граѓаните, на нивните средства и во иднина“, рече министерката Ангеловска.
Таа објасни дека не се одучиле за мораториум на кредитите оти сметаат дека преку дијалог со банките успеале да го постигнат она што другите земји го прават со мораториум.
„Во јавноста често се коментира зборот мораториум во изминатиот период, а сите знаеме дека конструктивен дијалог е многу подобар отколку наложување или диктатура. Во изминатите две недели Народната банка соработуваше со комерцијалните банки, со Министерството за финансии и со Владата за заедно да се изнајде соодветно решение. Прашањето за мораториум најчесто се поставуваше за тоа дали сите банки ќе ги одложат отплатите на ратите, пред сè, за физичките лица во следниот период. Веќе гледаме дека тоа се случува и не само за три месеци, туку се случува и за шест месеци, што е резултат на тоа дека соодветно решение со процена на ризиците и со конструктивен предлог довело дури да се изнајдат и подобри решенија за одлагањето кај поголемиот дел од банките“, објасни министерката Ангеловска.
Таа потсети дека економската стабилност на земјата се заснова и зависи и од банкарскиот сектор и нагласи дека тој треба да биде стабилен и да ја поддржи економската стабилност и по корона-кризата.
Трите најголеми банки во земјата веќе излегоа со понуда за олеснувања за отплата на кредитите поради корона-кризата, но сите три известија дека ќе пресметуваат камати за целиот период додека се одложени кредитите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.