Економија
Анѓушев до Кејт Мари Брнз: Инвестициите во реалната економија обезбедуваат одржлив економски развој
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, се сретна со неодамна именуваната амбасадорка на САД во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз, со која разговора за досегашната соработка помеѓу двете земји, но и за можностите за соработка во иднина, особено во полето на економијата.
Вицепремиерот Анѓушев се заблагодари за поддршката што САД ја даваат во процесот на станување полноправна членка на НАТО, како и во процесот на спроведување реформи во насока на отворање преговори за членство со Европската Унија.
Тој потенцира дека соработката помеѓу двете земји е на особено високо ниво. САД се стратешки партнер на нашата земја и така ќе остане и во иднина, истакна вицепремиерот Анѓушев.
Тој ги презентира економските политики на Владата, при што истакна дека од наследената економска состојба, која беше во негатива, сега економијата е стабилна, а стапката на раст на БДП од 4,1 отсто, која е регистрирана во првиот квартал од 2019 година, е базирана на работата на реалната економија, која на долг рок ќе обезбеди одржлив економски раст и развој. Воедно, информира дека во 2018 година забележано е рекордно високо ниво странски директни инвестиции од 624,5 милиони евра, со што се потврдуваат добрите економските политики, односно стабилноста и сигурноста како клучен постулат во креирањето на севкупните политики за сигурност на инвеститорите.
Вицепремиерот потенцира дека основа на развојот на економијата е Законот за финансиската поддршка на инвестициите, кој е транспарентен и еднаков за сите инвеститори, со јасни критериуми, чија цел е да се поттикнат модернизација и технолошкиот развој на стопанството и со тоа да се зајакне конкурентноста на македонските компании на домашните и меѓународните пазари.
Како клучен предизвик за кој се сложија двата соговорника е реформата во образованието за надминување на јазот помеѓу побарувачката и понудата на работната сила во насока на побрз развој на стопанството. Клучно е да се развие претриемачки дух кај младите лица, како и да се креира образовен систем, кој ќе продуцира високоедуциран кадар со вештини и знаења за потребите на стопанстсвото.
Соговорниците се согласија дека поддршката на реалната економија и индустријализацијата, односно новите инвестиции во модернизација и технолошки развој на компаниите, обезбедуваат одржлив и посилен економски раст на долг рок.
Новоименуваната амбасадорка на САД е дипломат од кариера веќе 26 години. Како амбасадор во земјата доаѓа по нејзината функција заменик-шеф на мисијата на САД во Атина. Претходно беше постојан претставник на Мисијата на САД на ОБСЕ во Виена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

