Економија
Бабовски: Почна аплицирањето за финансиска поддршка за рибарство и аквакултура
Од денеска до 27 декември сите субјекти што произвеле или продале риба од сопствено производство на пазарите ќе може да аплицираат за добивање финансиска поддршка по Програмата за финансиска поддршка во рибарство и аквакултура. Средствата по оваа програма може да ги добијат сите субјекти што набавиле порибителен материјал за насадување на рибниците во периодот од 1 февруари до 30 септември годинава или, пак, произведената риба во рибниците ја продале во период од 1 ноември 2017 година до 31 октомври годинава.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, истакна дека до 300 000 денари по корисник може да добијат оние субјекти што набавиле подмладок или сами го произвеле и насадиле. Финансиска поддршка ги следува и субјектите што произвеле и продале риба на пазарите а кои во периодот од декември 2017 година до декември годинава немаат увезено жива риба. Бабовски истакна дека субвенциите се доделуваат скалесто во зависност од капацитетот на рибникот.
„Рибниците што произвеле и насадиле до 25.000 килограми ќе добијат 100 отсто субвенција од 20 денари за килограм продадена риба. Оние субјекти кои насадиле или произвеле од 25.000 до 50.000 килограми ќе добијат 75 отсто субвенција за 20 денари продадена риба, додека за субјектите до 100 000 килограми субвенцијата изнесува 50 отсто од 20 денари за продадена риба. Најмала, односно 25 % субвенција, ќе добијат субјектите кои имаат над 100 000 килограми насадена или произведена риба“ – истакна Бабовски.
Целта, според Бабовски, е да се мотивираат и стимулираат малите производители да се развиваат и да се унапредуваат, како и да го зголемуваат домашното производство на риби.
Сите апликанти кои ги исполнуваат условите за добивање средства преку Програмата за рибарство и аквакултура, документите за добивање на оваа финансиска поддршка може да ги достават лично во архивата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството или преку препорачана пошта. Крајниот рок за доставување на барањата е 27 декември. Сите барања што ќе бидат доставени по тој рок нема да се разгледуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Беким Сали: Бизнисот останува главен двигател на економскиот развој на државата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на одбележувањето на 20-годишнината од основањето на Стопанската комора на Северозападна Македонија, при што го истакна нејзиниот значаен придонес во економскиот развој на државата во изминатите две децении.
Во своето обраќање, Сали нагласи дека Комората претставува силен глас на бизнис-заедницата, важен партнер на институциите и активен промотор на економскиот развој. Тој истакна дека силната економија значи повеќе работни места, подобри плати и посигурна иднина за граѓаните.
Осврнувајќи се на современите предизвици, првиот заменик-претседател на Владата посочи дека дигитализацијата, вештачката интелигенција, зелената транзиција, недостигот од квалификувана работна сила и глобалната конкуренција бараат уште посилно партнерство меѓу институциите и приватниот сектор.
„Улогата на институциите е да создадат поволни услови за развој преку правна сигурност, поефикасни процедури и политики кои ги поттикнуваат инвестициите и иновациите. Од друга страна, бизнисот останува двигателот што создава вредност, работни места и конкурентна економија“, истакна Сали.
На крајот, тој изрази благодарност до основачите, раководствата и членовите на Стопанската комора на Северозападна Македонија за нивниот придонес во економскиот развој на државата и посака идните години да донесат нови инвестиции, економски раст и поголеми можности за бизнис-заедницата и граѓаните.
Економија
Истанбул ќе биде домаќин на македонско-турски бизнис форум: Во фокусот инвестиции, енергетика и инфраструктура
Во петок во Истанбул ќе се одржи бизнис форум посветен на јакнење на економските врски и промоција на инвестициските потенцијали на Република Северна Македонија пред турската деловна заедница.
Форумот има за цел да ги поврзе институциите и бизнис секторот од двете земји преку директни контакти и разговори насочени кон отворање нови можности за соработка и заеднички инвестиции.
На настанот е најавено учество на премиерот Христијан Мицкоски, кој ќе предводи владина делегација составена од ресорни министри од економската, енергетската и инфраструктурната област.
Од турска страна, домаќин на форумот е министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат, а организацијата ја спроведуваат Министерството за трговија на Турција и DEİK – Советот за надворешни економски односи.
Во рамки на програмата ќе бидат претставени инвестициските потенцијали на нашата земја, а настанот ќе вклучи и официјални обраќања, тематски панели посветени на трговијата, енергетиката и инфраструктурата, како и Б2Б средби меѓу компании од двете земји, со фокус на размена на искуства и унапредување на соработката во клучните економски сектори.
Форумот е наменет за компании кои имаат интерес за проширување на своето присуство на меѓународните пазари и воспоставување нови деловни партнерства во рамки на регионалната економска соработка.
Форумот се организира во рамки на проектот „Промоција на Мапа за инвестирање“, како дел од Програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија, предводена од Владата на Република Северна Македонија и Генералниот секретаријат, а имплементирана во соработка со УНДП.
Во континуитет на ваквите активности, како дел од пошироката серија промотивни настани за позиционирање на Северна Македонија како атрактивна инвестициска дестинација, сличен бизнис форум неодамна се одржа и во Будимпешта. Овие настани претставуваат дел од пошироките напори за промоција на економските потенцијали на земјата и привлекување нови странски инвестиции преку директна комуникација со меѓународната бизнис-заедница.
Економија
АЛКАЛОИД меѓу предводниците на одржливиот развој
„Ќе живееме со сегашните проблеми, но нашите размислувања мора да одат подалеку. ’Алкалоид’ не е само за денес и утре, туку за многу генерации што доаѓаат по нас“. Оваа изјава, дадена од Трајче Мукаетов во јануари 1986 година, ја отсликува визијата за одговорно управување, заедништво и за долгорочно создавање вредности, принципи што денес се препознаваат како суштински елементи на ESG-концептот.
Одржаниот „Бизнис форум на одржливост“ обедини претставници на бизнис-секторот, институциите, граѓанските организации и на медиумите, со цел размена на искуства и ставови за актуелните трендови во одржливоста и за улогата на компаниите во справувањето со клучните развојни предизвици во државата.

„За компаниите во земјава и во регионот примената на ESG-принципите повеќе не е избор, туку стратешки чекор кон одржлив раст и поголема конкурентност на глобалниот пазар“, во своeто обраќање истакна Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, кој на Форумот беше во својство на главен говорник.

„За ’Алкалоид’ ESG-стандардите се суштински дел од секојдневното работење и стратешки двигател за управување со ризиците, поттикнување иновации, за обезбедување долгорочна конкурентност, градење доверба кај инвеститорите и за пристап до одржливо финансирање. Денес вистинското лидерство не се мери само преку финансиските резултати, туку и преку влијанието што го има компанијата врз животната средина, луѓето и заедницата“, истакна Мукаетов, осврнувајќи се на придобивките од примената на ESG-принципите во компанијата.
Тој посочи дека инвестициите во одржливост и заштита на животната средина во 2025 година донеле конкретни резултати. Компанијата остварила искористеност од 73,24 проценти обновлива електрична енергија, заштедила 21,35 милиони литри вода и елиминирала употреба на 179.000 пластични шишиња. Значајни резултати се бележат и во делот на општествената одговорност. Преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“, во текот на изминатите 17 години поддржани се 739 стипендисти, при што се инвестирани речиси 151 милион денари. Во 2025 година во здравството, културата и во спортот биле вложени дополнителни 3,7 милиони евра.

Мукаетов нагласи дека економскиот придонес на „Алкалоид“ претставува важен двигател на локалниот развој. Во 2025 година, по основ на плати, придонеси и други надоместоци за вработените во Македонија, како и на дивиденди за акционерите, компанијата исплатила 51,5 милиони евра. Дополнително, во државниот буџет биле уплатени 32 милиони евра по основ на даноци и придонеси. Во насока на поддршка на домашната економија, „Алкалоид“ соработува со повеќе од 1.960 домашни добавувачи, на кои во текот на 2025 година им исплатил 52,5 милиони евра за обезбедените производи и услуги.
Првиот ESG-извештај на „Алкалоид“ е објавен во април 2023 година. Во 2025 година компанијата го доби признанието „Добри ESG-практики за 2024 година“ од Македонската берза и од Американската стопанска комора за својот најнов консолидиран извештај изработен на ниво на целата Групација.

Во рамките на настанот на „Алкалоид“ АД Скопје му беше врачена Наградата за родово одговорни семејни политики за големи претпријатија, а на Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, наградата „Лидерство за одржлив развој“.
„Бизнис форумот на одржливост“ е организиран од Клубот на одговорни бизниси на „Конект“ во партнерство со Министерството за економија и труд на Република Северна Македонија и со УНФПА, а со поддршка од Австриската агенција за развој (ADA).
ПР
