Економија
Бабовски: Со пари од Програмата за рурален развој се овозможува поквалитетни услови за живеење
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, заменик-директорот Авдул Селам Селами и градоначалникот на општина Дебар, Хекуран Дука, направија увид во градежните активности на општинскиот пат за поврзување на селата Бањиште, Хаме и Крифци со регионалниот пат Р-409, кој води до граниниот премин кон Албанија. Станува збор за рекнструкција на пат во должина од 7 километри, кој го поврзува Дебар со селата Бањиште, Хаме и Крифци.
Проектот е финансиран преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, односно обезбедени се речиси 11,5 милиони денари. Директорот на АФПЗРР, Бабовски, истакна дека со овој проект, кој се реализира преку Програмата за рурален развој, жителите на овие населени места ќе добијат подобра инфраструктура и подобруи услови за развој на домашниот туризам.
„Овој пат го поврзува овој регион и со граничниот премин кон Албанија. Преку овој проект со вкупна вредност од 11,5 милиони денари заедно со Владата на Република Северна Македонија и Општината овозможуваме развој на туризмот, но и на овој регион во државава. Овој проект е добра поддршка за развој на бањски туризам кој функционира во Дебар и очекуваме дека преку подобрена инфраструктура ќе влијаеме да се зголеми и бројот на посетители во овдешните капацитети“, истакна Бабовски.
Бабовски истакна дека преку средствата од Програмата за рурален развој му се овозможува на локалното население поквалитетни услови за живеење.
„Освен овој проект, Општина Дебар има одобрено и 6,5 милиони денари за реконструкција на улици во населени рурални средини, вклучително и атмосферска канализација. Вкупната вредност на двата проекта е над 18 милиони денари. Општината Дебар треба да плати само данок на додадена вредност на проектот“, истакна Селами.
Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, се заблагодари за финансирањето на двата проекта и рече дека на овој начин се подобруваат условите за живеење во овие населени места.
„Како што ветивме, така постепено и остваруваме. Во нашата работа преоритет ставивме на изградба на квалитетна инфраструктура. На овој начин преку овие проекти овозможуваме поволни услови за туристите што доаѓаат овде, но исто така овозможуваме и да се развива и расте бизнис-заедницата која функционира овде во Дебар“, истакна градоначалникот Дука.
Средствата за реализација на овие проекти се обезбедени од буџетот на Република Северна Македонија, поточно од Програмата за рурален развој. Со помош на овие средства се овозможува рамномерен развој на целата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

