Економија
Бајден сака да го зголеми данокот за најбогатите Американци
Американскиот претседател Џо Бајденсака да го зголеми данокот на доход за најбогатите Американци, потврди Белата куќа.
„Тоа зголемување на данокот е дел од фискалната реформа насочена кон наградување на работата не само на богатството“, рече Брајан Дис, главниот економски советник на Бајден.
Според нацрт-реформата, додаде тој, за која сигурно жестоко ќе се бориме во Конгресот, промените ќе влијаат само на оние даночни обврзници што заработуваат повеќе од милион долари годишно.
Според него, само 0,3 проценти од даночните обврзници или околу 500.000 домаќинства би биле погодени од реформата.
Според повеќе американски медиуми, стапката на данок може да биде речиси двојно поголема, од 20 на 39,6 проценти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Алкалоид“ 22 години дел од водечкиот глобален фармацевтски настан CPhI
35 претставници од различни организациски сектори на компанијата го сочинуваат алкалоидовиот тим на овогодишното 36. издание на CPhl, кој за време на три интензивни саемски денови во својата агенда има повеќе од 400 деловни средби со постојни партнери, добавувачи и со нови потенцијални соработници „Алкалоид“ годинава го забележа своето 22. учество на најреномираниот светски собир во областа на фармацијата – CPhI (Convention of Pharmaceutical Ingredients).
Под мотото „Во срцето на фармацевтската индустрија“, CPhI се одржува од 28 до 30 октомври во Франкфурт, Германија, а тимот на „Алкалоид“ и оваа година има репрезентативно и современо саемско претставување, преку кое недвосмислено ја пренесува компаниската парола Здравјето пред сѐ!
„За ’Алкалоид’ CPhI претставува стратешка глобална платформа за следење на најновите научни и технолошки достигнувања во фармацевтската индустрија. Како компанија, уште во раните 2000-ти години ги препознавме можностите што ги нуди овој глобален собир како во делот на вмрежувањето и градењето партнерства така и во поглед на следењето на клучните трансформации и иновации во рамките на генеричката фармацевтска индустрија. За ’Алкалоид’ CPhI овозможува директен увид во најновите трендови и технологии – од вештачката интелигенција и одржливите производствени практики до нови молекули, формулации и решенија за оптимизација на глобалниот синџир на снабдување.
CPhI е единствена можност за средби со постојни и потенцијални партнери – производители, добавувачи, регулаторни консултанти и истражувачки центри – со што се поттикнува создавањето нови синергии и партнерства“, истакна Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Како водечка светска платформа што ги поврзува фармацевтските професионалци, годинава CPhI во Франкфурт собра повеќе од 62.000 посетители и над 2.400 изложувачи од целиот свет. Во текот на своето три и пол децениско постоење, CPhI прерасна во најголемата меѓународна фармацевтска заедница, која обединува стотина илјади експерти и компании што активно придонесуваат кон развојот и напредокот на глобалниот синџир на динамичната фармацевтска индустрија.
(ПР)
Економија
„Сетек“ ја претставува најновата генерација енергетски ефикасни решенија на „Енерго Технома 2025“
Александар Медарски, директор на брендот Мидеа и Игор Рибески, проект менаџер на Сетек Солар, ги презентираат иновациите што носат заштеда, одржливост и енергетска независност.
Компанијата Сетек, долгорочен партнер на брендот Мидеа, ќе се претстави на претстојниот саем Енерго Технома 2025, водејќи се од стратегијата за промоција на енергетската ефикасност и одржливите технологии на македонскиот пазар. На овој водечки настан во регионот, кој ги обединува компаниите од областа на енергетиката, електрониката и технолошките иновации, Сетек ќе ги претстави најновите производи и решенија кои комбинираат модерна технологија, еколошки стандарди и економична потрошувачка на енергија.
„Енерго Технома е водечки настан во регионот и за нас претставува одлична можност да ги прикажеме нашите најнови решенија, да воспоставиме нови деловни контакти и партнерства, како и директно да комуницираме со нашите клиенти и професионалци од индустријата“, истакнува Александар Медарски, директор на Мидеа.
„Со учеството на саемот сакаме да покажеме како преку модерни технологии и паметна енергетска ефикасност може да се постигне комфор, заштеда и грижа за животната средина“.
На саемот, Сетек ќе го презентира брендот Мидеа со акцент на:
● Midea magnetic boost chileri – централни системи за ладење со магнетни лежишта за максимална ефикасност и речиси бесшумна работа.
● Топлотни пумпи M-Thermal – системи за греење, ладење и подготовка на санитарна топла вода со минимална потрошувачка на енергија, вклучувајќи и технологија со R290 гас.
● Midea Solar Solutions – соларни панели и хибридни инвертери за интеграција со системите за климатизација и топлотни пумпи.
● VRF системи – флексибилни решенија за климатизација на комерцијални објекти.
Медарски појаснува дека топлинските пумпи и фенкоилерите носат значителни придобивки за домаќинствата и компаниите.
„Овие технологии овозможуваат значително пониски трошоци за енергија, намалуваат емисија на CO₂ и се усогласени со современите европски стандарди за енергетска ефикасност. Со комбинација на топлотна пумпа и фенкојлери се добива комплетен систем кој обезбедува греење, ладење и подготовка на топла вода со минимални трошоци за одржување“.
Проект менаџерот на Сетек Солар, Игор Рибески додава дека компанијата веќе пет години успешно соработува со Мидеа и дека на саемот ќе презентира нови решенија за производство и акумулирање на електрична енергија од сонцето.
„За прв пат ќе ги покажеме нашите инвертори и батериски системи за домашна, комерцијална и индустриска употреба, кои им овозможуваат на клиентите да ги намалат сметките за електрична енергија до 70% во споредба со традиционалните системи“, нагласи Рибески.
Тој исто така потенцира дека интересот на македонскиот пазар за соларни панели постојано расте.
„Секој кој сака да инвестира во „зелена енергија“ треба да се потпира на врвниот квалитет на Мидеа и на професионалната поддршка на нашиот тим. Само со добра анализа и проект се стигнува до најдоброто и исплатливо решение“.
И Медарски и Рибески се согласуваат дека ваквите саеми имаат значајна улога во подигнување на свеста за енергетска ефикасност и воведување на одржливи технологии во секојдневието.
„Настани како Енерго Технома се вистинска можност за едукација на јавноста, размена на искуства и запознавање со најновите решенија кои носат реални придобивки – пониска потрошувачка, заштеда и чиста енергија“, заклучува Медарски.
Со своето присуство на Енерго Технома 2025, Сетек ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржливост и енергетска ефикасност, нудејќи решенија кои комбинираат комфор, заштеда и грижа за животната средина.
(ПР)
Економија
Во Скопје почна светскиот форум за одржлива енергија
Во присуство на повеќе од 500 претставници од целиот свет, во Скопје беше отворен 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), под наслов „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“, во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Македонија, Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и петте Регионални економски комисии на Обединетите нации.
„Во следните три дена, Македонија ќе биде центарот на глобалниот енергетски дијалог. Ќе зборуваме за енергетската транзиција, за технологијата, за пазарите, но пред сè, за луѓето зад таа транзиција, за начинот на кој живееме, начинот на кој произведуваме енергија и соработуваме за да обезбедиме енергетска сигурност“, изјави на отворањето на Форумот, во Филхармонијата на Република Македонија, Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. „Енергетската отпорност денес значи способност системот да издржи, да се прилагоди и да продолжи да функционира дури и во услови на глобална неизвесност и геополитички потреси“, потенцираше Божиновска.
На Форумот, на кој ќе зборуваат 170 говорници, високи претставници на меѓународни институции, економски лидери, академици и експерти, се обрати и премиерот Христијан Мицкоски.
„Светот денес се менува со забрзано темпо. Она што порано значеше сигурно снабдување, денес подразбира флексибилен систем, отпорен пазар и чисти извори. Енергетската стабилност веќе не е само економско прашање, туку и прашање на безбедност. Глобалните турбуленции нè потсетуваат дека енергетската независност е предуслов за економска слобода. А, без слобода нема развој, нема стабилност, нема достоинство“, рече премиерот Мицкоски на отворањето на Форумот.
Нашата влада, додаде Мицкоски, цврсто стои зад реформите што ги спроведува Министерството за енергетика, но уште поважно, ја гради врската меѓу политиката и визијата.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан истакна дека решенијата за одржлива енергија не се избор, туку неопходност.
„Сега мора да преминеме од ветувања кон реална имплементација. Одржливата енергија е во сржта на нашата заедничка иднина. Во целиот свет УНДП активно работи на унапредување на оваа агенда. Овде во земјата, преку проектите Зелен финансиски инструмент и Справување со аерозагадувањето, УНДП работи на подобрување на енергетската ефикасност и намалување на загадувањето на воздухот. Им помагаме на семејствата да ги загреваат своите домови на чист и одржлив начин, овозможуваме бизнисите да инвестираат во зелени решенија, создаваме поздрави заедници и нови можности за раст“, изјави Григорјан.
„Денес стоиме на раскрсница кога станува збор за мултилатерализмот во енергетиката. Глобалната енергетска транзиција не е само историска можност за одржлив развој, туку и голема одговорност. Мора да изградиме отпорни енергетски системи кои ќе обезбедат сигурно, достапно и еколошки одржливо снабдување со енергија. Знаеме дека никој од нас не може да успее ако работи сам. За да бидеме успешни, мора да ги вклучиме сите засегнати страни, да ги процениме социо-економските влијанија и целосно да ги разбереме последиците од нашите политички одлуки“, рече Татјана Молчан, Генерална потсекретарка на Обединетите нации и извршна секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Европа.
Во следните три дена, Форумот, на кој присуствуваат претставници од повеќе од 70 земји од светот, ќе опфати повеќе аспекти од енергетската транзиција, од поттикнување на развојот на е-мобилноста, до обезбедување праведна транзиција во која никој нема да биде изоставен. Преку споделување на национални и регионални стратегии за забрзување на чистата енергетска трансформација, претставување на иновативни технологии и решенија од меѓународни организации, приватниот сектор и академијата, како и преку презентирање механизми за финансирање и партнерства за нови инвестиции, учесниците на ќе се обидат да понудат практични решенија за праведна транзиција што ќе придонесе за изградба на отпорни енергетски системи на глобално ниво.
Светскиот форум, кој се одржува секоја година, од 2010 година наваму и прерасна во водечка глобална платформа за унапредување на одржливата енергија оваа година е организирано од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Македонија, во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на Обединетите нации (UNECE, UNESCAP, UNECLAC, UNECA и UNESCWA).

