Економија
Финансиска помош од 7,5 милиони евра за угостителите и туристичките работници
Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска одржа работен состанок со претставници на туристичко-угостителскиот сектор.
На состанокот министерот ја презентира програмата за финансиска поддршка на туристичко-угостителскиот сектор, која беше усвоена од Владата, а во која се предвидени мерки за поддршка на овој сектор опфатени со четвртиот сет мерки за ревитализирање на економијата во услови на Ковид-19.
Бектеши информира дека со четвртиот сет мерки со директна финансиска поддршка преку директни грантови се опфатени рестораните, игротеките, лиценцираните туристички агенции и туристички водичи. А исто така е предвидено и враќање на туристичката такса за 2019 година за туристичките објекти.
„На почетокот на следната недела Министерството за економија ќе објави пет јавни повици, кои произлегуваат од овие пет мерки за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор, а се предвидени во четвртиот сет мерки што ги донесе Владата. Сите туристички агенции, игротеки, туристички водичи, ресторани, кои организираат свадби и други правни лица од угостителскиот сектор што се опфатени со мерките, ќе може електронски да аплицираат на платформата ‘Дома си е дома’ до крајот на месецот. Министерството за економија ќе ги обработува апликациите веднаш по нивното пристигнување со цел за побрза и навремена исплата на средствата. Целта на овие мерки е преку директна финансиска поддршка да им помогнеме на сите туристички работници и угостители кои како резултат на пандемијата имаа најголеми загуби“, информира министерот Бектеши на состанокот.
Вкупната вредност на финансиската поддршка за сите пет мерки, како што информира министерот, изнесува 459.650.000 денари или 7,5 милиони евра, а овие средства ќе се исплатат директно до туристичко-угостителскиот сектор до крајот на годината, односно мерката ќе се реализира во периодот ноември и декември.
„За мерката грантови за ресторани се предвидени 60.000.000 денари, за грантови за игротеки се предвидени 153.000.000 денари, за грантови за лиценцирани туристички агенции се предвидени 116.850.000 денари, за грантови за туристички водичи 9.800.000 денари, а за мерката поврат на уплатена туристичка такса за 2019 година се предвидени средства во висина од 120.000.000 денари“, информира министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

