Економија
Бектеши: И покрај енергетската криза засилено инвестираме во енергетска транзиција и регионално енергетско поврзување
Македонија, исто како и остатокот од Европа го почуствува силно негативното влијание од војната во Украина врз енергетскиот сектор, што предизвика пораст на цените на природниот гас поради нарушувањето на снабдувањето со природен гас од Русија. Но, и покрај енергетската криза ние засилено работевме на трансформација на енергетскиот систем во земјата, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на панелот „Политики и технологии кон декарбонизација“ на годинешниот МЕФ 2023 форум.
„Во последните години работиме на реформи за зголемување на инвестиции во обновливи извори на енергија. Само во последните години имаме инсталиран капацитетет од обновливи извори на енергија, од фотонапонски централи од 110 мегавати што е за скоро 100% повеќе споредено со тоа што е направено од осамостојувањето на земјата. Врз основа на побарувачката од компаниите и од инвестициите на државната компанија ЕСМ до крајот на годината ќе имаме повеќе од 350 мегавати инсталиран капацитет од фотонапонски централи. На барање на Стопанските комори се размислува на опцијата производството на електрична енергија од обновливи извори од приватни инвеститори да биде откупено од државната компанија ЕСМ со цел да е зачува хидропотенцијалот и другите извори на обезбедување на енергија, како што се термоелекртани. Така ќе бидеме подготвени за следната зима и во наредниот период што е во согласност со нашата стартегија за развој на енргетиката“ кажа министерот Бектеши.
Министерот потенцираше дека Северна македонија е целосно зависна од рускиот гас но со поддршка на нашите партнери САД и ЕУ минатата година државата успеа да обезбеди дополнителни капацитети во гасоводот со Бугарија со што се диверзифицираа снабдувањето со гас за земјата.
„Успеавме да ослободиме дел од капацитетите на единствениот гасовод кој го имаме со Бугарија кој е целосно закупен од руски Гаспром, односно успеавме да го зголемиме капацитетиот на гасоводот за да ја диверзифицираме набавката на гас за нашите енергетски капацитети и секако да обезбедиме греење на граѓаните. Од сега почнуваме со подготовки за следната зима, се со цел да имаме уште поголема независност од руски гас. До крајот на годината ќе започне изградбата на интерконекторот со Грција кој ќе овозможи да набавуваме гас од ТАП и од други извори“ кажа Бектеши.
Министерот најави дека Македонија работи на реализација на проект за инвестиција во изградба на гасна централа од 600 до 800 мегавати која според првичниот план би се градела во нашата земја, но во чија изградба би учествувале со дел од инвестицијата сите земји во регионот.
„Нашиот план е да ги поканиме нашите соседи да учествуваат во реализација на овој енергетски проект, кој ќе биде на регионално ниво. Нашиот предлог е да биде во Северна Македонија на место на ТЕЦ Неготино и сите земји кои имаат интерес во овој проект кој планираме да почнеме со реализација следната година да учествуваат како стејкхолдери“ потенцираше Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

