Економија
Бектеши – Наумов: Од денеска аплицирање за бескаматната кредитна линија Ковид 3 со грант-компонента вредна 31 милион евра
Од денеска почнува да се реализира Ковид 3 бескаматната кредитна линија со грант-компонента преку Развојната банка. Јавниот повик е отворен за поднесување кредитни барања од денес до 30 декември 2020 година заклучно со 23:59 часот. Односно барања се поднесуваат вкупно 15 дена, информираа министерот за економија, Крешник Бектеши, и директорот на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов.
Како што информираше министерот Бектеши, третата бескаматна кредитна линија се реализира со финансиска поддршка од Европска Унија преку активноста ЕУ за отпорност од ИПА-програмата во вкупен износ до 30 милиони евра и со буџетска поддршка од Министерството за економија во износ од 1 милион евра.
„Кредитната линија се однесува за микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии чие работење е погодено од Ковид-19, а се мери преку падот на приходите од најмалку 20 отсто. А во делот на грант-компонентата оваа кредитна линија се однесува за фирми основани од жени, како и млади лица и извозно ориентирани компании, како и компании кои работат на проекти за зелена економија, дигитализација и слично. Ова е многу важна вест за домашните компании бидејќи ние во континуитет работиме за подобрување на нивната конкурентност и освојување на нови пазари. Заедно со Развојната банка ќе работиме оваа кредитна линија да биде целосно искористена, со оглед на тоа што од почетокот на аплицирањето интересот е голем“, кажа министерот Бектеши.
Министерот потенцираше дека целта е да се излезе во пресрет на стопанството во ова кризно време, да ја зголемат нивната ликвидност и да го искористат овој период за освојување нови пазари.
Директорот на Развојната банка, Кире Наумов, пак, информираше дека од денеска, па во наредните 15 дена е отворена адресата на е-пошта [email protected] за електронско аплицирање, а интересот е огромен кај компаниите што се гледа по исклучително високиот број на пораки на е-пошта испратени кон Развојната банка.
„Поради потребното време за да пристигнат барањата до нас, автоматските пораки за потврда за пристигната порака беа со задоцнување кон кредитобарателите. Ова, пак, предизвика, оние кои испратиле документи, а не добиле автоматска порака да продолжат да ја препраќаат истата порака на е-пошта повеќепати. Обемот на пораките на е-пошта испратени кон [email protected] е најмалку осум пати над интересот покажан за Ковид 2 кредитната линија. Меѓу кредитните барања има и такви кои доаѓаат од субјекти кои, за жал, не спаѓаат во таргетот на кредитната линија и не се микро и мали трговски друштва, трговци поединци или занаетчии“, кажа директорот Наумов.
Директорот на Развојната банка упати апел до кредитокорисниците коишто веќе аплицираа да направат проверка дали имаат повратна порака и доколку немаат да проверат дали ги имаат прикачено сите прилози во пораката на е-пошта согласно упатството објавено на веб-страницата на Разввојната банка.
Се очекува во текот на денот, а особено следните денови напливот од пораки на е-пошта да опадне, со што побрзо ќе се врши размена на пораки до банката и кон апликантите за кредит.
Како што информираа министерот Бектеши и директорот Наумов, кредитите ќе бидат без камата, со 3 години рок на отплата и вклучен грејс до 6 месеци, а ќе може да се користат за набавка на основни и обртни средства заради непречено финансирање на тековните активности и потребата од обртен капитал на субјектите.
Според условите на оваа кредитна линика Ковид 3, минимален износ на кредит за кој ќе може да се поднесе барање е 3.000 евра, а максималниот износ изнесува 5.000 евра за трговец поединец и занаетчија; и 15.000 евра за микро и мали трговски друштва, (ДОО, ДООЕЛ и слично).
Она што ја прави третата бескаматна кредитна линија различна е грант-компонентата од 30% која корисниците на кредит од Ковид 3 можат да ја добијат. Грант-компонентата се однесува на четири категории субјекти, и тоа:
– Прва категорија субјекти се оние кои се управувани од жена или, пак, имаат во сопственичката структура жена или жени со учество од најмалку 50%.
– Втора категорија субјекти се оние кои се управувани од млади лица до 29 години согласно европската дефиниција за млади или, пак, имаат млади во сопственичката структура од најмалку 50%.
– Трета категорија субјекти се извознички компании, кај кои учеството на приходите од странство во вкупните приходи е најмалку 50%.
– И четврта категорија е најширока, а се однесува на субјекти кои реализираат активности, односно проекти во областа на зелена економија, модернизација и дигитализација на деловните процеси преку набавка на опрема или воведување нов начин на продажба, како и иновација од аспект на воведување нови производи и нови услуги.
Правото на грант можат да го остварат кредитокорисниците на Ковид 3 по отплата на 50% од износот на кредитот, со поднесување на барање за грант до Развојната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.
Економија
Мој ДДВ не се укинува – налозите за исплата во февруари се подготвуваат, извести УЈП
Управата за јавни приходи ги демантира написите во дел од медиумите дека се укинува мерката „МојДДВ“.
„Јасно и недвосмислено истакнуваме дека не постои одлука за укинување на „МојДДВ“ – мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани можат да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права согласно законските одредби. За спроведување на мерката „МојДДВ“ се предвидени средства во Буџетот за 2026 година, со што се обезбедува нејзино непречено и континуирано спроведување“, велат од УЈП.
Во текот на 2025 година за редовна исплата исплатени се 3.458.885.995 денари, што е 56,2 милиони евра средства вратени на сметките на граѓаните по основ на „МојДДВ“.
Гледано по квартали, повратот на средства преку „МојДДВ“ во текот на 2025 година е следен:
•За К4 2024 година (исплата во февруари 2025) исплатени се 870.329.146 денари за 496.442 корисници;
•За К1 2025 година исплатени се 784.442.146 денари за 491.770 корисници;
•За К2 2025 година исплатени се 882.137.038 денари за 503.655 корисници;
•За К3 2025 година исплатени се 921.977.665 денари за 515.182 корисници;
•За К4 2025 година налозите се во обработка и согласно законските одредби исплатата на средства е предвидена за февруари 2026 година.
Во текот на 2025 година беа извршени и дополнителни исплати (од изминатите години) кон корисниците кои немале точни податоци во периодот кога биле редовните исплати:
•За скенирани сметки во 2020 година исплатени се 2.658.049 денари;
•За скенирани сметки во 2023 година исплатени се 7.552.401 денари;
•За сметки скенирани во 2024 година исплатени се 4.076.525 денари.
На сметките на граѓаните во 2025 година по основ на редовна и дополнителна исплата на средства преку „МојДДВ“, исплатени се вкупно 3.473.172.970 денари или 56,4 милиони евра.
УЈП ги известува граѓаните дека веќе ги подготвува налозите за исплата на средства за скенирани сметки во последниот квартал од 2025 година, која треба да се реализира во февруари 2026 година.
„Апелираме граѓаните да не потпаѓаат под шпекулации и да ги следат исклучиво официјалните информации и соопштенија на Управата за јавни приходи. Истовремено, УЈП ја информира јавноста дека апликацијата „Мој ДДВ“ функционира редовно. Во рамки на тековните технички подобрувања на системот, можно е повремено забавување при најавување на апликацијата од страна на корисниците или при вчитување на фискалните сметки. Овие појави се привремени, а надлежните технички служби континуирано работат на нивно отстранување, со цел да се обезбеди подобро корисничко искуство. Со ова уште еднаш потврдуваме дека апликацијата „Мој ДДВ“ останува во функција и не се разгледува нејзино укинување“, се додава во соопштението на УЈП.
Економија
Малите и средни претпријатија се ’рбетот на економијата – претставена Националната стратегија за МСП 2025–2030
Министерството за економија и труд денес ја презентираше Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, стратешки документ кој ја дефинира насоката за развој, конкурентност и отпорност на малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија во наредните години.
Малите и средни претпријатија претставуваат ’рбет на националната економија, сочинувајќи околу 99 проценти од вкупниот број претпријатија и обезбедувајќи егзистенција за речиси три четвртини од вработените. Тие имаат клучна улога во економскиот раст, иновациите и социјалната стабилност на државата.
На настанот, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека Стратегијата е повеќе од формален документ и дека таа претставува јасна определба за поддршка на домашните претприемачи.
„Малите и средни претпријатија не се само дел од нашата економија – тие се нашата економија. Секој нивен успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава. Со Стратегијата за МСП 2025–2030 создаваме услови тие да бидат лидери на промените, а не нивни следбеници,“ истакна министерот.

