Економија
Бектеши: Отворањето на „Поинт ретаил-парк“ е доказ за еднаквиот третман на инвеститорите

Отворањето на „Поинт ретаил парк“ е доказ за еднаквиот третман на инвеститорите и ќе ја зголеми атрактивноста на земјата како шопинг-дестинација, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, кој присуствуваше на свеченото отворање на првиот ретаил-парк во Македонија – „Поинт ретаил-парк“.
Вкупната инвестиција на компанијата „Али тобако“ во овој шопинг-центар, кој се наоѓа во општината Бутел, изнесува девет милиони евра, а ќе бидат отворени 200 нови работни места. Министерот Бектеши истакна дека оваа инвестиција е уште еден доказ за одличните услови и еднаквиот третман што ги добија домашните инвеститори во земјата со Законот за поддршка на инвестициите, што беше едно од основните барања на бизнис-заедницата во изминатиот период.
„Отворањето ваков ретаил-парк ја зголемува атрактивноста на земјата како туристичка и во случајов шопинг-дестинација отворајќи можност за зголемување на бројот на туристи, пред сѐ, од соседните земји во градот Скопје, кој со неодамна 340 илјади домашни и странски туристи минатата година беше најпосетуваната туристичка дестинација во земјата. Од друга страна, концептот што го нуди овој прв поинт ретаил-парк кај нас, кој што е развиен во целиот свет, и големиот број содржини што ги задоволуваат потребите и вкусовите на разни генерации граѓани, верувам дека ќе придонесе овој комплекс да се претвори во посакувано место за целото семејство и популарно сврталиште во кое ќе можете да ги споите извршувањето на обврските и релаксацијата, а за најмладите и забавата. Оваа инвестиција од девет милиони евра во општината Бутел, на стратешка локација која ги поврзува населбите Центар, Карпош, Бутел и Чаир, каде што, според најавите на сопственикот, ќе бидат отворени над 200 нови работни места, ќе придонесе за локален, регионален, но и развој на националната економија“, истакна министерот Бектеши на свеченото отварање на „Поинт ретаил-паркот“.
Според сопственикот Али Ќаили, ова е инвестиција што ќе влијае позитивно на градот Скопје и државата генерално, позиционирајќи ја Македонија како лидер во регионот.
„Многу сме среќни и се гордееме што денеска го отвораме првиот ретаил-парк кај нас, кој со својот принцип на работа ќе постави темели на еден поинаков модерен и европски концепт, кој во иднина може да претставува пример и што направивме инвестиција со која сите ќе се гордеат. Поинт ретаил-парк е инвестиција која ќе ги отвори вратите за речиси 200 лица и која вреди околу девет милиони евра. Сакам на нагласам и дека овде во ‘Поинт’ ќе можете да видите познати и реномирани домашни и странски брендови и воедно ќе искористам и да им се заблагодарам на сите закупци што го препознаа нашиот план и ја препознаа нашата инвестиција“, изјави Али Ќаили, сопственик на „Поинт ретаил-парк“.
Според градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски, оваа инвестиција ќе ја позиционира општинaта на повисоко ниво.
„Општина Бутел навистина се гордее што првиот ретаил-парк во Македонија се отвара токму тука. Јас како градоначалник особено се гордеам што со оваа инвестиција ќе се влијае на локалниот економски развој на општината и ќе влијае на нејзина модернизација. Сигурни сме дека оваа инвестиција ќе ги привлече сите граѓани од Скопје и другите градови од регионот да бидат редовни посетители“, изјави градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски.
Во „Поинт ретаил-парк“ ќе има голем број познати домашни и странски брендови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
За четири дена доставени повеќе од 2.500 пријави за самовработување

Во салата на киното „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од оперативниот план за вработување за 2025 година.
Пред голем број граѓани претставниците од Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемаштво), каде што јавните повици се објавени и сите заинтересирани може да се пријават до 20 јуни.
„Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица што се заинтересирани да се пријават во кој било од 30-те центри за вработување при Агенцијата за вработување во државата“, рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Во рамките на јавните повици од мерката 1, „Поддршка за самовработување (претприемаштво)“, во тек се три јавни повици, со кои им се дава можност на повеќе од 1.700 лица да отворат сопствен бизнис и со нив се предвидени:
– финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и почнување бизнис за лица постари од 29 години;
– финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и почнување бизнис за млади лица до 29 години;
– финансиска поддршка за здружување две лица во ДОО, каде што таа изнесува од 14.000 до 20.000 евра во зависност од целните групи.
Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на Законот за царинските тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царинските давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Економија
Цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години поради стравот од војна

Глобалните цени на нафтата пораснаа за повеќе од 4 проценти забележувајќи го најголемиот дневен процентен пораст од март 2022 година поради стравувањата дека потенцијалното проширување на конфликтот на Блискиот Исток би можело да предизвика големи прекини во снабдувањето со енергија.
Цената на „Брент“, меѓународниот референтен стандард, се зголеми за 4,3 проценти, на 72,40 долара за барел, а американската референтна нафта West Texas Intermediate (WTI) скокна за 5 проценти, на 71,40 долар за барел.
Според „Ројтерс“, ова се најголемите еднодневни скокови за двете референтни цени на нафтата од март 2022 година кога почна војната во Украина.
„Остриот пораст на цените на ‘Брент’ ги одразува не само тековните ризици за снабдување туку и растечкото чувство дека потенцијалната ескалација на конфликтот би можела да трае за разлика од претходните краткотрајни епизоди меѓу Израел и Иран“, рече Ахмад Асири, истражувачки стратег во „Пеперстоун“.
Нервозата на пазарите дополнително се потврдува со движењата на американските берзи, пренесува „Танјуг“.