Економија
Бектеши: Повеќе пари за енергетска ефикасност, претприемништво, индустрија, туризам и инвестиции во гасификација
Министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција во Владата го презентираше Предлог-буџетот на Министерството за економија за 2021 година. Toj се осврна на проектите коишто е предвидено да ги реализира Министерството за економија следната година.
Бектеши потенцираше дека главни приоритети на Министерството за економија се создавање на услови за развој на индустријата, развивање на претприемништвото, креирање и интеграција на единствен пазар во ЕУ, обезбедување енергетска стабилност и сигурност, истражување, експлоатација и одржливо искористување на минералните суровини, развој на туризмот со подобрување на стандардите на туристичката понуда. Кажа дека како резултат на пандемијата која предизвика здравствено-економска криза во целиот свет и кај нас, оваа година беа променети приоритетите на Министерството за економија и целиот буџет на Министерството беше пренасочен кон поддршка на најпогодените сектори во економијата, но и најпогодените граѓани.
„ Следната 2021 година е година во која се очекува опоравување на целиот свет од кризата предизвикана од пандемијата, а такви се и нашите проекции. Затоа кога го креиравме Буџетот за 2021 година, нашите очекувања се дека со него ќе се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија со цел продолжување со позитивните трендови на македонската економија. Економското заздравување од Ковид-19 ќе се спроведе преку мерки за заштита на здравјето на граѓаните и социјалната заштита на најзагрозените категории, како и поддршка на економијата, приватниот сектор и заштита на работните места“, кажа Бектеши и потенцираше дека во оваа насока ќе работи и Министерството за економија во 2021 година.
„ Буџетот на Министерството за економија за 2021 година е предвидено да изнесува 826 милиони денари. Од овие средства 130 милиони денари се предвидени за плати и надоместоци на вработените, 167 милиони денари се наменети за капитални расходи, а 190 милиони денари за субвенции. Дел од субвенциите кои што беа предвидени во програмите за 2020 година, поради пандемијата и економската криза, не беа објавени јавни повици за дел од мерките. Но, во 2021 година е предвидено да се реализираат сите програми и мерки за што се предвидени дополнителни средства“, потенцираше министерот.
„ Во Програмата за енергетска ефикасност на Министерството за економија како што кажа Бектеши за 2021 година предвидени се субвенции за граѓаните во вкупна вредност од 47 милиони денари, а тука спаѓаат пред сè субвенции за: купени и вградени сончеви термални колекторски системи, замена за ПВЦ или алуминиумски прозорци, за купување на печки на пелети, за надоместување за инсталирање на фотонапонски системи за производство на електрична енергија“, потенцираше Бектеши.
Министерот потенцираше дека во делот на активности за финансиска поддршка на туризмот во 2021 година фокусот на министерството ќе биде поддршка на домашниот туризам.
„ Продолжуваат субвенциите за поддршка на туристички цели на селски домаќинства, поддршка на активен туризам, за дигитализација на туристичкиот сектор, поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи“, кажа Бектеши и додаде, следната 2021 година тројно е зголемен буџетот на Министерството за економија за субвенции за приватни претпријатија за што се предвидени 13 милиони денари и тоа за имплементација на активности за паметна специјализација, поддршка на фирми од преработувачка индустрија, поддршка и проширување на акредитација на лаборатории за испитување на градежни производи и други активности.
Министерот Бектеши информираше дека во 2021 година се предвидени двојно повеќе средства за поддршка на претприемништвото, за што се предвидени вкупно 50 милиони денари, додека во 2020 година беа предвидени за оваа намена 20,3 милиони денари. За поддршка на претприемништвото во 2021 година ќе биде обезбедена финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија, женско претприемништво, подобрување на вредносните синџири, сертификација на системи за квалитет, сертификација на ХАЛАЛ систем и поддршка на занаетчии.
„ Поради големиот интерес со првиот јавен повик кој го објавивме минатата година, а и неможноста оваа година да ја субвенционираме оваа мерка, во 2021 година во Буџетот на Министерството за економија се предвидени 13 милиони денари за субвенции за вградување на уред на погон на ТНГ метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата. Ова е неколкукратно зголемување на финансиската поддршка за оваа мерка ако се земе во предвид дека за 2020 година за субвенции за вградување на плин во возилата беа предвидени само 2,3 милиони денари“, кажа Бектеши.
Министерот информираше дека за следната година е предвидено зголемување на средствата во Буџетот во делот на гасификацијата, односно за реализација на капитални инвестиции.
„ Во Буџетот на Министерството за економија за изградба на гасоводната мрежа се предвидени 140 милиони денари, средства кои што АД НЕР планира да ги обезбеди преку емисија на хартии од вредност по пат на приватна понуда“, потенцираше министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

