Економија
Бесими: Донесен првиот среднорочен буџет, удвојување на растот и значително намалување на дефицитот на среден рок
Економијата се проектира да расте со стапки 4 – 5 % од БДП во следните 5 години или двојно повисоки во однос на изминатиот период, а буџетскиот дефицит или јазот помеѓу приходите и расходите ќе се намалува до 2 % од БДП во 2025 година, односно ќе биде под Мастришкиот критериум. Ова е наведено во првиот среднорочен буџет, кој вчера беше усвоен во Собранието. Како што истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими, при носењето на буџетот фокус во 2021 година ќе бидат здравјето на граѓаните, економијата и структурните реформи.
„Буџетот има три главни приоритети – здравство, економија и зачувување на стабилноста на работните места, владеење на правото и интеграции. Буџетот е прецизен, егзактен, содржи развојна компонента. Капиталните инвестиции се 26,2в % повисоки од актуелниот буџет, 3,4 % од БДП или просек што во подобрите години го имаше нашата земја. За здравството имаме 100 милиони евра повеќе во однос на 2019 година или 40 милиони евра во однос на тековната година. Во образованието имаме зголемување на капиталните инвестиции четирикратно“, посочува министерот за финансии Бесими.
Буџетот за в година е буџет за заздравување од кризата предизвикана од Ковид-19, но и поставување основи за забрзан економски раст во следниот период, посочи вчера министерот за финансии. Буџетот се базира на три платформи: A. Фискална консолидација, која до 2025 година треба да го сведе буџетскиот дефицит на 2 % или под Мастришкиот критериум, Б. Стратегија за заздравување и забрзан економски раст, која треба да го удвои растот во следниот период со стапки од 4 до 5 % и C. План за јавни инвестиции 2021-2025, во насока на зголемување на учеството на инвестициите во вкупните расходи и подобрување на нивната реализација. Во буџетот има издвоено средства за поддршка и на граѓаните и на стопанството, така, за: здравство има издвоено 664 милиони евра, социјална заштита 1,47 милијарда евра, образование 465 милиони евра, а за развој на економијата 1,141 милијарда евра.
Вкупните приходи на буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари и тие се 8,3 % повисоки во однос на вториот ребаланс во 2020 година, а расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или 2,1 % пониско во однос на вториот ребаланс во 2020 година. Со тоа буџетскиот дефицит е проектиран на 4,9 % или речиси двојно пониско во однос на оваа година. Преку политиките за фискална консолидација се очекува секоја година буџетскиот дефицит постепено да се стеснува, така што во 2022 тој е проектитран на -3,8 %, во 2023 на -3,2 %, во 2024 на -2,9 % и во 2025 година на -2% и ќе биде под Мастришкиот критериум од -3% од БДП.
Стратегијата за заздравување и забрзан раст, која се темели на четири столба: економско заздравување од Ковид-19, забрзан, одржлив и инклузивен раст, зголемување на конкурентноста и вмрежување во глобалните синџири на доставување и инвестирање во човечки капитал. Првиот столб – економско заздравување од Ковид-19 – ги опфаќа приоритетите: заштита на здравјето на граѓаните и социјална заштита на најзагрозените категории од општеството и поддршка на економијата, приватниот сектор и заштита на работните места. Вториот столб – забрзан, инклузивен и одржлив економски раст – се фокусира на добро управување (владеење на правото, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите), фискална одржливост, макроекономска и финансиска стабилност, локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина, зелена економија и дигитализација на економијата и јавните услуги, во чии рамки се предвидени разни мерки и активности. Третиот столб – зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор – фокусот се однесува на зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири на создавање на вредноста, подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите и модернизација на земјоделството. Во четвртиот столб – развој на човечките ресурси и еднакви можности – опфатени се развој на човечките ресурси (образование, наука и здравство), поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување, во чии рамки се предвидени разни мерки и активности.
Во согласност со ова проекциите на среден рок се дека растот ќе се удвои во следниот петгодишен период, и тоа 4,6 % раст во 2022, 5,2 % во 2023, 5,6 % во 2024 и 5,9 % во 2025 година. Во периодот од 2026 до 2030 година се предвидува стабилизирање на просечната стапка на економски раст на 5,75 % годишно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

