Економија
Бизнис без граници, бараат членките на македонско-бугарската стопанска комора

Бизнис без граници побараа членките на македонско-бугарската стопанска комора на своето редовно годишно Собрание одржано во Скопје.
„Постои голем интерес кај компаниите од двете земји за инвестирање, имаме постојан, значителен раст на трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Со подобрување на условите кои треба да ги обезбедат нашите држави има простор за уште поголем раст на инвестициите од компаниите членки на нашата комора и тоа треба да го ставиме во функција на развој на правните субјекти од двете држави“, смета претседателката на македонско-бугарската стопанска комора, Биљана Митева.
Соопштено е дека компаниите членки на комората даваат свој придонес за подобрување на бизнис климата и отстранување на политичките бариери меѓу двете држави, за уште поуспешно деловно поврзување на бизнис секторот.
На Собранието се обрати и амбасадорот на Република Бугарија во Република Северна Македонија, Жељаско Радуков, каде изрази недвосмислена поддршка за подобрувањето на економската размена меѓу двете држави и укажа на важноста на поврзувањето на луѓето и бизнисите од двете земји.
Собранието на македонско-бугарската стопанска комора ја одобри програмата за работа за периодот 2024/2025, беа усвоени извештаите за 2023/2024, а беа избрани и нови членови на Управниот и Надзорниот Одбор на МБСК. На редовното годишно Собрание на македонско-бугарската стопанска комора присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за финансиска поддршка за набавка на трактори

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави јавен повик за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2025 година, наменет за модернизација на земјоделските стопанства преку набавка на трактори.
Максималната поддршка по корисник изнесува 600.000 денари, поддршката се исплаќа на годишно ниво според реализацијата на деловниот план.
Јавниот повик се однесува исклучително за набавка на трактори – приклучната земјоделска механизација не е покриена.
Право на користење на средствата имаат земјоделски стопанства кои се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој.
Земјоделци кои во претходните десет години користеле финансиска поддршка за набавка на трактори преку ИПАРД Програмата или Националните програми за рурален развој, не се прифатливи како корисници на оваа мерка.
Крајниот рок за доставување на барањата е 07.07.2025 година.
Економија
Берзите реагираат бурно на расправијата Трамп-Маск, акциите на „Тесла“ паѓаат

На Вол Стрит, берзанските индекси паднаа, главно поради наглиот пад на цената на акциите на „Тесла“, додека пазарот беше поддржан од веста за разговорот помеѓу американскиот и кинескиот претседател Доналд Трамп и Си Џинпинг. Индексот Дау Џонс падна за 0,25 проценти на 42.319 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,53 проценти на 5.939 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,83 проценти на 19.298 поени.
Акциите на Тесла паднаа за 14 проценти
Цената на акциите на производителот на електрични автомобили „Тесла“ падна за повеќе од 14 проценти, откако јавната расправија помеѓу извршниот директор Илон Маск и Трамп се интензивираше.
Цената на акциите падна во четири од последните пет трговски дена, откако Трамп и Маск ја започнаа својата вербална војна, за време на која „Тесла“ изгуби околу 150 милијарди долари пазарна вредност.
Маск ги засили критиките кон огромниот закон за даночни стимулации на претседателот во последните денови, додека Трамп тврди дека Маск е вознемирен затоа што законот ги елиминира даночните олеснувања за купување електрични возила.
„Последиците за акциите на ‘Тесла’ се очигледни. Но, не гледам никакви значајни последици за остатокот од пазарот, освен мало влијание врз индексите. Генерално, берзата има многу проблеми, но ‘Тесла’ не е еден од нив“, рече Марк Шпигел, менаџер за портфолио во Stanphyl Capital.
Сепак, пазарот беше поддржан од телефонскиот повик меѓу Трамп и Си. Нема дополнителни информации за разговорите, освен дека тие се поканија еден со друг на официјални посети. И тоа беше оценето како позитивно од пазарот, бидејќи неодамнешниот спор околу клучните минерали се закани да го наруши кревкото трговско примирје меѓу двете најголеми економии во светот.
Економија
АД ЕСМ со најповолна понуда за електрична енергија, соопшти „ЕВН хоме“

ЕВН Хоме како универзален снабдувач на електрична енергија, на тендерот за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јули-декември 2025 доби најповолна понуда од АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 62 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини, соопштија од таму.
Оваа цена, како што појаснуваат, е идентична со претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јануари-јуни 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
„Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“, се истакнува во соопштението.