Економија
Бислимовски од енергетскиот самит во БиХ: Неопходни се инвестиции и рационално трошење на енергенсите
Кризата во енергетскиот сектор со која се соочува цела Европа освен што на јавноста ѝ го откри вистинското значење на енергетската независност, во исто време ги стави инвестициите во енергетиката во фокус на владите при креирање на буџетите истакна претседателот на Бордот на регулатори на Енергетската заедница (Energy Community Regulatory Board – ECRB) и претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски на Енергетскиот самит што се одржува во Неум, Босна и Херцеговина.
„Ако одговор на пандемијата е вакцинацијата, тогаш единствен одговор на енергетска криза се инвестициите. Европа, но и Балканот се покажа како ранлив кога енергенсите се во прашање. Цените на берзите вртоглаво растеа и растат најпрвин на електричната енергија, природниот гас, а сега и на нафтените деривати и морам да кажам дека далеку сме од стабилизација. Сега се поставува прашањето кое ценовно ниво ќе го прогласиме за нормално. Убеден сум дека повеќе никогаш нема да се вратат претходните цени на енергенсите. Затоа мора инвестициите во енергетиката да се во прв план кога државите ги кројат буџетите. Дополнително стратегиите за енергетика мора да ги разработат и геополитичките аспекти кога енергетската независност е во прашање, а праведната транзиција да биде спроведувана одмерено и претпазливо. Ние сите сакаме да влеземе поенергично во процесот на декарбонизација што значи подобра животна средина, но се соочивме со апсурдна состојба да се враќаат во погон постројките на јаглен низ цела Европа затоа што недостасуваше енергија поради гео политички причини. Се враќаме на она дека најскапа енергија е онаа која ја нема. Сакам да потенцирам дека во овој процес мора да се помогнат ранливите категории. Ние како регулатор покренавме инцијатива и истата се реализираше – се прошири опфатот на лица кои добиваат финансиска помош за сметките за електрична енергија и парно. Претходно инициравме и да се намали стапката на ДДВ во сметките кои ги добиваат домаќинствата“, истакна Бислимоски на панелот посветен на Пазарите на електрична енергија – предизвици и нова реалност.
Тој потенцираше дека треба паралелно да се работи и на инвестициите во енергетиката, но и рационално да се користат енергенсите.
Енергетскиот самит во Неум, Босна и Херцеговина е во организација на УСАИД, УНДП, ЕУ делегација на Босна и Херцеговина и ГИЗ. Клучни регионални и меѓународни експерти од енергетската област дебатираат за предизвиците на пазарот на електрична енергија и степенот на спроведување на реформи во време на енергетска криза како и состојбата со природниот гас и улогата на обновливите извори во време праведната транзиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

