Економија
Битиќи и Галовеј потпишаа меморандум за следење на инфраструктурните проекти за подобар живот на граѓаните
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и амбасадорката на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Рејчел Галовеј, денес го потпишаа Меморандумот за соработка за воспоставување на Централна единица за следење на инфраструктурни проекти, кој ќе се спроведе во соработка со Канцеларијата проектни услуги на Организацијата на Обединетите нации.
Вицепремиерот Битиќи информираше дека за овој проект е обезбедена поддршка од Владата на Обединетото Кралство, во вредност од 600 илјади британски фунти, а целта е да се придонесе во напорите на Владата да го зајакне спроведувањето на инфраструктурни проекти и инвестициите кои имаат силен инпакт врз економскиот раст, создавањето работни места, зачувувањето на животната средина и квалитетот на животот на граѓаните.
„Активностите ќе резултираат со воспоставување на Централна единица за следење на инфраструктурните/инвестициските проекти која ќе го зајакне институционалниот капацитет за управување и следење на реализацијата на проектите со големи размери. Нашите граѓани, независно каде живеат, заслужуваат подобри услови за живот: современи градинки и училишта, безбедни патишта, опремени и модерни болници, квалитетна комунална инфраструктура, здрав живот и чиста животна околина. Со доброто планирање и успешно спроведување на капиталните инфраструктурни и инвестициски проекти, ние го осигуруваме унапредувањето на квалитетот на живот во нашата држава. Граѓаните бараат резултати, ние тие резултати ги испорачуваме, и така и ќе продолжиме“, нагласи Битиќи.
„Еден дел е следењето на инфраструктурните/инвестициските проекти кои ќе се управуваат преку оваа Централна единица. Вториот дел е менаџмент системот за државна помош кој веќе го најавивме и го работиме заедно со Светска банка и треба да претставува една точка за контакт која ќе ја инкорпорира целата државна помош што се спроведува преку 11 државни институции. Новината, или целта кон која работиме и која верувам дека вреди да ја оствариме е всушност инкорпорирање на податоците од овие два система што ќе ни ја даде Централната единица за мониторинг или следење, која во реално време ќе ни дава транспаренти и отчетни податоци за ефикасноста и ефективноста за спроведувањето на економските политики во државата. На овој начин, секој денар на граѓаните ќе можеме да го следиме каде е отиден и кој ефект го има постигнато за да се врати назад кај граѓаните како добра инфраструктура, градинки, училишта, велосипедски патеки, нови отворени работни места“, подвлече Битиќи.
Амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј, во своето обраќање посочи дека секоја економија во светот зависи од сигурната инфраструктура што ги поврзува синџирите на набавка и овозможува ефективно движење на стоките и услугите во државата и надвор од неа.
„Инфраструктурата ги овозможува бизнисите, ги поврзува домаќинствата со работните места, здравството и образованието и создава можности за заедниците кои се соочуваат со тешкотии; ја заштитува нацијата од непредвидливата животна средина и опкружување. Од приватни инвестиции во телекомуникациски системи до енергетски проекти, јавниот превоз, водовод и канализација, згради и паркови – инфраструктурата е сржта на здравата економија“, изјави амбасадорката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

