Економија
Битиќи: Северна Македонија е единствена во регионот и Европа со пад на цените на храна од 4,36 отсто

Поради енергетската криза, како и војната во Украина, растат цените на храната на светските пазари, што се отсликува со зголемени цени на прехранбените производи и зголемена инфлација во регионот и Европа, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Според него, навремено преземените мерки на Владата, како замрзнување на трговски маржи во трговијата, намалување на стапката на ДДВ од 10 на 5 % кај основните прехранбени производи, субвенционирањето на електричната енергија на производителите на прехранбени производи, како и замрзнувањето на цените на основните производи во маркетите, кои се со гарантирана цена, даваат реални резултати.
„Поради сето ова, во октомври имавме пад на инфлацијата на 3,5 % од рекордните 19,8 отсто во октомври минатата година. А денеска угледната веб-страница www.tradingeconomics.com забележува дека Северна Македонија е единствена во регионот и Европа со пад на цените на храната од 4,36 %.
За споредба, во непосредното опкружување и регионот Србија бележи раст на цените на храната од 10,5 %, Албанија 7,8 %, Бугарија 7,6 %, Грција 9,93 %, Косово 3,9 %, Црна Гора 3,8 %, Хрватска 8,7 %, Романија 8,66 %, Босна и Херцеговина 6,24 %, Турција 71,99 %, Словенија 7,32 %“, нагласува тој.
Ова, како што додава, е уште една потврда дека оваа Влада се грижи за граѓаните и граѓанките на оваа земја и дека прави максимални напори во борбата со растечките цени на храната на светските пазари со цел да го заштити животниот стандард и во исто време да го унапреди преку константно зголемување на пензиите и на минималната плата, истовремено креирајќи поволна и предвидлива бизнис-клима, каде што растот на платите во приватниот сектор ќе продолжи и понатаму.
Дополнително, оценува дека со носење на новиот закон за нефер трговски практики, ќе се ограничат појавите на волунтаристички и неетички бизнис-практики, кои дополнително ќе ги заштитат граѓаните, објави Битиќи на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Бочварски: До крај на годината јавен повик за изградба на третата фаза од пругата на Коридор 8, делница Крива Паланака-граничен премин Деве Баир

До крај на годината очекувам да го распишеме јавниот повик за изградба на третата фаза на пругата на Коридор 8, односно од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Исто така очекувам многу брзо пратениците да ги изгласаат законите за заем од меѓународните финансиски иснтитуции и со тоа да ја заокружуме финанисиската конструкција за изградба и на последниот дел од пругата. Секако за оваа фаза имаме обезбедено и грант средства, истакна министерот Благој Бочварски кој заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на ЖРСМ Инфраструктура Зоран Трифуновски, извршија увид на изградба на пругата од Куманово до Бељаковце.
Делницата од Куманово до Бељаковце е во должина од 31 километар, инвестиција е во вредност од 40 милиони евра. Втората фаза, од Бељаковце до Крива Паланка е во вредност од 155 милиони евра за изградба на 34 километри нова пруга. Изградбата, потенцира министерот Бочаврски, се одвива со силна динамика.
“Изградбата на железничка пруга од Куманово до Крива Паланка и во следна фаза до границата Деве Баир, инвестиција од преку 700 милиони евра е сериозен чекор во развојот на регионалната железничка мрежа. Тргнувајќи од важноста на Коридор 8 како дел од европската транспортна мрежа, изградбата на оваа пруга е предуслов за одржлив економски развој не само за нашата земја, туку и за целиот регион. Денешната посета на оваа прва делница заедно со министерот Спасовски и директорот Трифуновски е доказ за тоа колку е важна оваа пруга, не само како инвестиција за Владата, туку како капитален проект кој ќе овозможи огромен општествен придонес за граѓаните, за стопанството и за целата државa’, изјави министерот Бочварски.
Изградбата на железничка пруга од Куманово до ГП Деве Баир е инвестиција од преку 700 милиони евра.
“Од денешниот увид може да заклучеме дека градежните работи на железничката делница Куманово-Бељаковце се одвиваат според предвидената динамика, до сега имаме 44% реализација. Бројките говорат за успешноста на овој проект со што со полно право може да изјавам дека овој договор е пример како треба да се раководи еден вака значаен проект. Исто така сакам да потенцирам дека вложувањето во сите три фази на источниот крак од железничкиот Коридор 8, претставува најголемата инвестиција во железничката
инфраструктура од осамостојувањето до денес”, изјави директорот на ЈП ЖРСМ Зоран Трифуновски.
Министерот потенцира дека во Собранието се изгласа и Законот за либерализација во железничкиот сообраќај, процес со кој се очекува да влезат нови оператори кои ќе возат по домашните пруги како услов за зголемување на конкуренцијата во товарниот сообраќај.
Економија
Ковачевски: Ја поддржуваме наменската индустрија, активно придонесуваме во колективниот систем за одбрана на НАТО

Премиерот Димитар Ковачевски денеска, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, беше во посета на фабриката за производство на малокалибарска муниција „АТС АММО“ во Самоков.
Премиерот Ковачевски посочи дека „АТС АММО“ е единствената македонска фабрика во земјава за производство на малокалибарска муниција „АТС АММО“, која во минатото беше позната како „Сувенир“ од Самоков.
„Цели 42 години оваа фабрика опстојува на овие простори со долгогодишна традиција и искуство во производството на сите видови на малокалибарска муниција и успеа со својот квалитет да се пробие во светски рамки. „АТС АММО“ е дел од АТС групацијата која е присутна во 56 земји во светот“, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека фабриката работи според НАТО стандарди.
Наменската индустрија, како што посочи премиерот Ковачевски, е само една од областите каде сериозно се вложува преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
„Република Северна Македонија под капата на Алијансата се чувствува побезбедно и посилно. Заедно и рамноправно со другите земји членки се грижиме за регионалниот и светскиот мир и безбедност, се грижиме за подобро и побезбедно утре за нашите граѓани. Активно придонесуваме во колективниот систем за одбрана. Буџетот на Министерството за одбрана расте, од 1,85% од БДП, односно 274 милиони евра за оваа година, извесно е дека следната година ќе го достигнеме минимумот од 2% од БДП за одбрана кој беше договорен на НАТО Самитот во Вилнус. За модернизација и опремување одвоивме над 30 отсто од буџетот за одбрана и со тоа го надминавме минималниот праг на НАТО, најмалку 20% од буџетот за одбрана да биде наменет за оваа цел. А, таквата тенденција планираме да ја задржиме и следната година“, потенцира премиерот Ковачевски, нагласувајќи дека нашата земја е очекуван рамноправен партнер и на европската маса и дека тоа е процес од кој нема враќање назад.
Вицепремиерот Битиќи ги повика домашните компании да го следат примерот на „АММО“, да се охрабрат, да ги приспособат и реструктурираат своите производствени процеси, односно своите производи да ги усогласат со највисоките стандарди на Алијансата, што е услов за учество во тендерските постапки.
„Ова бара технолошко унапредување, но затоа компаниите не се оставени сами. Во оваа насока, ќе го споменам Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како можност која ја создадовме за домашните компании да бидат поддржани во делот на инвестиции за технолошко унапредување на производството, посебно во делот на инвестирање за истражување и развој, каде финансиската поддршка изнесуваат 50% од прифатливите трошоци, како и поддршката во делот на извозот. Веќе преку овој закон се поддржани 919 компании, кои имаат реализирано инвестициски циклус од пола милијарда евра, поддржан од страна на Владата со околу 100 милиони евра. На овој начин, директно ги стимулираме и домашните компании своето производство, своите производи, да ги прилагодат на критериумите на Алијансата и со тоа да им отвориме нов простор за раст на бизнисите, за отворање на нови работни места, со достоинствени плати за граѓаните“, рече Битиќи.
Министерката Петровска по обиколката на капацитетите на „АТС АММО“ порача дека е сериозна компанија со голем квалитет што е многу важно во време кога се соочуваме со сериозни предизвици за да се задоволат потребите на воената индустрија. Петровска информираше дека оваа компанија веќе е регистрирана за учество на НАТО пазарот и додаде дека интересот на компаниите за комплетирање ма овој процес се зголемува.
„Оваа компанија веќе е регистрирана на НАТО пазарот и учествува на пазар кој вреден повеќе од пет милијарди евра. Она што ме радува и она што можам да го споделам како податок е дека и останатите компании во Северна Македонија кои се занимаваат со други дејности го зголемуваат интересот за регистрација на НАТО пазарот. Ако во 2021 година беа само осум компании, веќе во октомври 2023 година, тој број е 18 само за една година или вкупно некаде околу 40-тина компании кои го добиле тој НАТО код и може да учествуваат на НАТО пазарот”, рече министерката Петровска.
Министерката додаде дека Министерството за одбрана и Армијата имаат исклучително позитивна соработка користејќи ги производите кои оваа компанија ги произведува, а ќе соработуваат и во развојот и почетокот за производство на првиот македонски дрон.
Економија
(Видео) Стојаноски: Буџетот за 2024 е досега историски највисок, нереален и предизборен

Во понеделник, 4-ти декември од 10 часот почнува разгледувањето на Буџетот за 2024-та година.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека се работи за буџет кој досега е историски највисок, нереален, предизборен и составен така за да може да се искраде и подели помеѓу бизнисмените од власта.
„Ништо од макроекономските проекции не е точно, како што не беше ни изминатите години. Повторно ќе се обидат да направат предизборен поткуп и да си ги остварат личните бизнис интереси додека народот ќе живее уште посиромашно, а стопанството ќе продолжи да тоне. Македонија денес претставува земја со најнизок економски раст во регионот. Корона криза и војна во Украина се реалност која ги погоди сите економии во регионот, но нашата Влада најлошо се снајде и тоа е факт кој го нотираат сите меѓународни финансиски организации. Инфлацијата во изминатите 2 години надмина 30%, а кај храната и електричната енергија кои се неопходни за нормално функционирање достигна и над 50%“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Како што додаде, прашање на денови е кога јавниот долг ќе надмине 9 милијарди евра, пари кои ќе треба да ги враќаат идните генерации. Само за камати во 2024-та година, рече тој, ќе се исплатат над 270 милиони евра, историски највисок износ за оваа намена.