Економија
Битиќи со германските компании: Нудиме поволно деловно опкружување, стратешки предности и силна владина поддршка
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, оствари средба со делегацијата на германски компании што престојуваат во Северна Македонија, со кои ги сподели деловните можности особено во однос на поддршката за инвестиции, при што ги истакна клучните фактори што ја прават Северна Македонија атрактивна дестинација за нивните инвестиции.
„Северна Македонија има стратешка локација, сместена на раскрсницата на паневропските транспортни коридори VIII и X, и нуди поволна локација привлекување на синџирот на набавки во европскиот континент наречен неаршоринг (near-shoring). Со воспоставување производство блиску до европските центри за потрошувачка германските компаниите може да ги максимизираат ефикасноста и ефективноста на нивните бизнис-процеси“, порача вицепремиерот Битиќи, кој ги информира германските компании дека Северна Македонија е потписник на мултилатерални конвенции и има склучено многубројни билатерални договори за заштита на инвестициите, што за странските инвеститори значи заштита преку институции, како што е Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови (ICSID).
Битиќи се осврна и на финансиската поддршка на Владата, која во прво место е предвидлива и дека сите постапки се транспарентни со цел да создадат еднакви услови и за домашните и за странските инвеститори.
„Поддршката е дизајнирана да постигне неколку цели, вклучително и создавање подобро платени работни места, поттикнување соработка меѓу компаниите и промовирање технолошки развој и иновации“, рече Битиќи, кој германските компании ги запозна и со дигиталниот асистент во јавниот сектор, АДА, прв во регионот и пошироко базиран на вештачка интелигенција, кој стои на располагање на компаниите да добијат целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и за државната помош, која се нуди за инвестициите, без разлика дали се тоа домашни или странски компании.
Kако заклучок, рече дека Северна Македонија е подготвена да ги пречека и поддржи германските компании во нивниот стремеж за раст и успех и дека земјата нуди поволно деловно опкружување, стратешки предности и силна владина поддршка.
„Заедно, дозволете ни да создадеме силни партнерства и да го отклучиме огромниот потенцијал што лежи во нашата соработка“, заклучи Битиќи.
Предводникот на германската делегација, Ханс-Јоаким Баумлер, од консултантската компанија „Интегра“, истакна дека успешноста на германските компании што дејствуваат во Северна Македонија претставува силен мотив за другите компании да го следат нивниот пример и да инвестираат во земјата, која, според него, нуди добра бизнис-клима за понатамошно развивање на трговската размена помеѓу Германија и Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
