Економија
Битиќи: Целите на Берлинскиот процес се приоритет за Северна Македонија
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, преку видеоврска учествуваше на состанокот на министри за економија на земјите кои се дел од Берлинскиот процес.
„Ние сме Европа. Сите земји од иницијативата Западен Балкан 6 (Берлински процес) се Европа и јас силно верувам дека ако одиме заедно ќе одиме посилно и побрзо. И додека работиме кон заеднички регионален пазар, правиме чекор напред кон единствениот пазар на ЕУ што ќе ја зајакне нашата економска интеграција. Во таа насока на состанокот на Управниот одбор на Западен Балкан 6 – Форум за комори за инвестиции, ја презедов иницијативата за создавање на единствени, кохерентни политики за привлекување на странските директни инвестиции за сите сите земји, но исто така, создавање силен регионален синџир на вредности. Тоа ќе ја подобри нашата конкурентност многу повеќе отколку што може да направи секој од нас – индивидуално. Регионална конкурентност во однос на регионалната конкуренција. Ова, верувам дека е нашата иднина“, нагласи Битиќи.
Вицепремиерот во своето обраќање потсети дека на минатогодишниот самит што се одржа во Софија, земјите од Западен Балкан го прифатија предизвикот да се направат пресвртниците на Зелената агенда за Западен Балкан како уште една алатка за регионот, за да се приклучи на европските напори обликувани во политиките на Европскиот зелен договор. Овие политики, како што рече Битиќи, се наменети за модерни општества, создаваат економско-ефикасни и конкурентни економии каде што растот се раздвојува од емисиите на стакленички гасови, се користи ефективна употреба на ресурси и правилно се менаџира со отпадот и се прават прилагодувања кон климатските промени.
Вицепремиерот информираше дека Владата на Република Северна Македонија почна со креирање на првата Национална стратегија за развој 2021 – 2041 година. Во овој стратешки документ за развој на нашата земја, како што информира Битиќи, во следните дваесет години ќе бидат вметнати Европските зелени политики како составен дел на целокупната стратегија.
Тој додаде дека на почетокот на јуни Владата усвои Интервентен план за инвестиции, вреден 8,7 милијарди евра, каде значителен износ од 3,1 милијарди евра, или речиси 40%, е наменет за инвестиции – и јавни и приватни, во енергетскиот сектор.
„Ова, во комбинација со ревидираната индустриска стратегија со фокус на секторот производство за периодот 2018 – 2027 година, ќе ги направи реални целите поставени од Република Северна Македонија. Индустриската стратегија ги поставува приоритетите во индустриската политика, почнувајќи од зајакнување на темелите на производството преку зголемување на производствената продуктивност, иновации и трансфер на технологија или трансформирање на индустријата кон зелената индустрија, сите базирани на сектор за производство ориентиран кон знаење и учење. Нашата индустриска стратегија е усогласена со европската визија за нашето општество преку развој на производствениот сектор, зазеленување на производството, дозволување нови инвестиции и поврзување на СДИ со локалните производители за нивно вклучување во меѓународни/регионални синџири на вредности и многу повеќе. Нашата земја е исто така во завршна фаза на усвојување на Стратегијата за паметна специјализација за одржлив економски раст. И, како што можете да видите, мојата земја е посветена на постигнување на европски вредности и стандарди и работиме со полна сила, бидејќи веруваме дека припаѓаме во европското семејство“, потенцираше Битиќи на денешниот состанок на економски министри од земјите на Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

