Економија
Божиновска: Енергија за секој дом, стабилност за целата економија и вистински исчекор кон климатска одржливост

Светските искуства покажуваат дека енергетските аукции се моќна алатка за забрзување на транзицијата кон обновлива енергија. Токму оваа тема беше во фокусот на панел-дискусијата „Energy Auctions as Catalysts for Renewable Energy Deployment in the Western Balkans“, во рамки на Adria Summit, организиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), каде што учествуваше министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Министерката Божиновска говореше за искуствата на Македонија и новиот модел на поддршка што земјата го воведува за привлекување инвестиции во обновливи извори – „Contracts for Difference“ (CfD). Овој пристап, веќе потврден како ефикасен во ЕУ, обезбедува стабилност, заштита од пазарна нестабилност и поттикнува реална конкуренција.
„Веруваме дека CfD-механизмот е најсоодветниот модел за создавање сигурна и предвидлива инвестициска клима. Со поддршка од ЕБОР и меѓународни партнери, го адаптираме овој систем на нашиот пазар, со цел да создадеме услови за реализација на целта – 1,7 GW обновливи извори до 2030 година“, изјави Божиновска.
Во изминатите години, Македонија имаше ограничен успех со системите на фид-ин тарифи и премии, поради кои државата плаќаше високи субвенции, често над пазарната цена. Енергетската криза дополнително ги покажа слабостите на ваквиот модел – дел од електраните се откажаа од привилегираниот статус за да можат да продаваат струја на слободниот пазар.
Во однос на плановите за нови аукции, министерката истакна дека во соработка со ЕБОР се прави детална регулаторна и финансиска анализа за воведување CfD-аукции кои ќе се спроведуваат транспарентно и ќе овозможат директна конкуренција меѓу инвеститорите.
Таа ја нагласи и важноста на меѓународната поддршка:
„ЕБОР, Светската банка, германската KfW и други институции се наши клучни партнери. Со нивна помош веќе инвестираме во нови соларни и ветерни капацитети, ја модернизираме преносната мрежа и отвораме нови можности за зелена енергија. Само ЕБОР досега има инвестирано над 2,9 милијарди евра во Македонија, што е доказ за довербата и потенцијалот што го имаме.“
На панелот, покрај министерката Божиновска, учествуваа и министерот за енергетика на Црна Гора Адмир Шахмановиќ, потпретседателката на CWP Europe Маја Турковиќ, директорката за финансирање на UniCredit Bank Србија Светлана Церовиќ и извршниот директор на New Energy Solutions, Милош Чолиќ. Модератор на панелот беше Адил Ханиф, шеф на одделот за одржливи пазари при ЕБОР.
Панелот понуди можност за размена на искуства и практики меѓу земјите од Западен Балкан и претставници на приватниот и финансискиот сектор, во насока на подобрување на регулативата и зголемување на инвестициите во чиста енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
УЈП: Даночните обврзници имаат рок до петок да поднесат ДДВ – 04 пријави

Даночните обврзници имаат рок до петок да поднесат ДДВ – 04 пријави, потсетува Управата за јавни приходи.
„Со цел да се обезбеди непречено поднесување на ДДВ-04 пријавите за овој даночен период, ИТ тимовите на УЈП ќе работат и во попладневните часови. Процесот на поднесување на ДДВ – 04 пријавите се одвива непречено и заклучно со вчерашниот ден, 22 април 2025 година од очекуваните 40.885, вкупно 12.202 даночни обврзници поднеле ДДВ-04 пријави, што претставува близу 30% од вкупниот број на даночни обврзници кои треба да поднесат ДДВ-04 пријави“, влеат од УЈП.
Од таму апелираат даночните обврзници кои имаат обврска да поднесат ДДВ-04 пријави за овој даночен период, а сè уште не ги поднеле истите, уште денес да ја достават потребната документација до сметководителите со цел до законскиот рок 25 април 2025 година (петок) да ги исполнат своите даночни обврски.
„Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавите не е само законска обврска, туку и клучен фактор за финансиска стабилност и градење на довербата во институциите“, велат од УЈП.
Економија
Извршена исплата од 224.748.332 денара кон 7.826 лица за остварено производство на овошје

Денеска се изврши исплата од 224.748.332,00 денари кон 7.826 лица.
Исплатата како што информираат од Министерството за земјоделство, се однесува на дополнителните директни плаќања за остварено производство на овошје, мерка 1.9 Дополнителни директни плаќања од подмерка 1.8. за остварено производство на овошје од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои имаат засадени површини со следните овошни видови: јаболка, слива, праска, вишна, цреша, кајсија, круша, јапонско јаболко, лешник, орев, бадем и калинка, а оствареното производство е предадено на регистриран откупувач, вклучително и произведените овошни култури за потребите на сопствениот преработувачки капацитет или е користено за домашни потреби или е продадено на пазар.
Грижата кон земјоделецот продолжуваме да ја покажуваме на дело, велат од МЗШВ.
Економија
Се намалува цената на мазутот, а на дизелот и на бензините не се менува

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,11 % во однос на одлуката од 14.04.2025 година.
Од 23.4.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,780 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,212 ден/кг и сега ќе изнесува 36,780 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 23.4.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,969%, кај дизелот за 3,456%, кај екстра лесното масло за 2,637% и кај мазутот зголемувањето е за 2,133%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 3,0273%.