Економија
Божиновска на економскиот комитет во Прага: Македонија ги зајакнува врските со Чешка
Во Прага се одржа Заедничкиот состанок за економска соработка помеѓу Република Македонија и Република Чешка, на која се договорени чекори за продлабочување на билатералната соработка во повеќе сектори.
Македонската делегација беше предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која активно се залага за зајакнување на економските врски со Чешка и иницира конкретни чекори за привлекување инвестиции и проширување на деловната соработка меѓу двете земји. Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николовски, како и дел од делегацијата претставници од повеќе ресорни министерства, паралелно одржаа работни средби со своите чешки колеги. Разговарано беше за соработка во енергетиката, транспортот, внатрешните и надворешните работи, културата, заштитата на животната средина, земјоделството и други сектори од заемен интерес.
Министерката Божиновска, во своето обраќање пред делегациите, ја потенцираше подготвеноста на Македонија да ги поддржи чешките инвеститори во реализацијата на нивните деловни планови и да обезбеди стабилна и предвидлива деловна средина со поволни услови за инвестирање.
„Македонија е отворена за стратешки партнерства со чешките компании, особено во енергетиката, инфраструктурата и индустриското производство.
Македонија ја гледа Чешка како стратешки партнер во енергетиката и индустријата. Нашата земја нуди стабилен инвестициски амбиент и јасни регулативи за заштита на бизнисите. Воедно, ги интензивираме реформите во енергетскиот сектор за да обезбедиме модерна, одржлива и конкурентна економија,” изјави Божиновска.
„Преку вакви директни средби со чешките институции и компании, отвораме нови можности за инвестиции и партнерства. Сигурен сум дека оваа соработка ќе резултира со конкретни проекти.Македонија и Чешка имаат долга традиција на соработка, а воспоставувањето директна авионска линија ќе ја олесни економската и туристичката размена меѓу двете земји. Очекуваме оваа иницијатива наскоро да стане реалност,” изјави вицепремиерот Николовски.
Освен официјалните средби, претставници од различни министерства и институции остварија теренски посети, секој во рамките на својот домен. Дел од македонската делегација беа и претставници од Електростопанство на Македонија, Охридско лето и Министерството за култура, кои дискутираа за можности за продлабочување на соработката во областа на енергетиката, културната размена и инфраструктурните проекти.
Во рамки на посетата Божиновска оствари и посебна средба со заменикот министер за индустрија и трговија, Јан Кавалирек, на која се разговараше за конкретни можности за размена на искуства и помош во експертиза.
Официјалната посета на Чешка се заокружи со потпишување на протокол од третата сесија на заедничкиот комитет за економска соработка меѓу Македонија и Чешка, кој има за цел да иницира конкретни проекти, продлабочување на трговската соработка и реализација на заеднички иницијативи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

