Економија
Божиновска-Шахбазов: Македонија важен транзитен центар за гас до Европа, Азербејџан подготвен веднаш да соработува
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во Баку беше пречекана од својот колега, министерот за енергетика на Азербејџан, Парвиз Шахбазов, во рамки на официјалната посета посветена на унапредување на енергетската соработка меѓу двете земји.
На тет-а-тет средбата, која се одржа во Министерството за енергетика на Азербејџан, беше истакната заедничката заложба за зајакнување на партнерството во областа на снабдување со гас. Разговорите се фокусираа на можностите за долгорочни договори за снабдување со гас, како и на потенцијални инвестиции во гасната инфраструктура во Македонија.
„Македонија може да стане регионален центар за транспорт на гас, ние сме подготвени веднаш да се вклучиме во соработка на конкретни проекти и да ви понудиме и експертиза, но и сериозни можности за заеднички проекти доколку постои интерес и од ваша страна“, истакна министерот Шахбазов.
„ Разговорите за зајакнување на нашето партнерство во областа на енергетиката отворија нови перспективи за Македонија! Се фокусиравме на конкретни чекори за создавање условии за снабдување со гас и можности за инвестиции во модернизација на нашата енергетска инфраструктура“ истакна Божиновска.
Посебен акцент беше ставен на можната соработка меѓу државната енергетска компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и азербејџанската државна нафтена компанија СОКАР. Партнерството помеѓу ЕСМ и СОКАР е клучно за нашата енергетска трансформација.Во таа насока, договоренa e средба за интензивирање на активностите во рамки на склучениот меморандум за соработка што беше потпишан за време на КОП 29 самитот во Баку.
Шахбазов упати и директна покана до министерката Божиновска да учествува на претстојниот министерски состанок на советодавниот совет за јужниот гасен коридор како и за третиот министерски состанок на советот за зелена енергија.
Божиновска ја потенцираше подготвеноста на Македонија за активна соработка во повеќе проекти што ќе обезбедат сигурност, одржливост и енергетска независност за земјата, нагласувајќи дека оваа средба претставува значаен чекор во насока на реализација на тие цели.
„Азербејџан ни нуди конкретна соработка која ќе ни помогне да се мапираме како сериозен регионален центар за транспорт на гас. Ова е нешто што би имало стратешко значење за енергетската иднина на нашата земја и би донело поволности и за економијата, но и за граѓаните. На ова сериозно ќе работиме и се надеваме на помошта од нашите меѓународни партнери“, рече Божиновска.
Во рамките на официјалната посета на Азербејџан, македонската делегација предводена од претседателката Силјановска-Давкова оствари и работна средба со премиерот на Азербејџан Али Асадов и со претседателката на Националното собрание на Република Азербејџан, Сахиба Гафарова.
Оваа средба, која се одржа во контекст на 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу нашите две земји, беше посветена на зајакнување на билатералните односи, посебно во областа на енергетската соработка.
Претседателката Силјановска-Давкова истакна дека нашите две земји имаат потенцијал за поголема економска соработка, особено во секторот на енергетика, и изрази подготвеност за поддршка на иницијативите кои ќе произлезат од оваа средба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.
Економија
Електродистрибуција го имплементира најновиот систем SIEMENS SCADA за дигитално управување со мрежа – Скопје
Во финална фаза на имплементација е најновиот SIEMENS SCADA систем за дигитално управување со среднонапонска и високонапонска мрежа, со што значително ќе се унапреди дигиталната трансформација и системите за далечинско управување и мониторинг, соопштија од компанијата.
Со помош на најновиот SCADA систем, како што е појаснето, ќе се оствари меѓусебно поврзување на диспечерските центри на ЕВН и МЕПСО со цел поквалитетно водење на целата електроенергетска мрежа во државата.
„Со инвестиција од еден милион евра, најсовремениот SCADA систем овозможува повисоко ниво на автоматизација, сигурност и оперативна контрола, што претставува клучен предуслов за ефикасна енергетска транзиција и поголема диверзификација на изворите на електрична енергија во земјата. Системот има особено значење во периоди кога сѐ поголем број фотонапонски централи се приклучуваат на дистрибутивната мрежа. Досега се регистрирани 2.963 нови приклучоци од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 860 MW, што во одредени ситуации може да претставува предизвик за стабилноста на енергетскиот систем. Со ваквите инвестиции во дигитализација на клучните процеси, Електродистрибуција обезбедува поквалитетни, доверливи и поефикасни услуги за своите корисници и ја зацврстува сигурноста и ефикасноста на мрежата, потврдувајќи ја својата заложба за модерна, транспарентна и дигитална енергетска инфраструктура“.

