Економија
(Видео) Ангеловска: Резултатите се подобри од очекуваното, економијата почна да закрепнува
„Она што го почнавме на почетокот на оваа ковид-криза, а во духот на транспарентноста и отчетноста, односно навремено па дури и предвремено информирање на јавноста за спроведувањето на буџетот и за состојбата на јавните финансии – го продолжуваме и сега. Ова е четврт месец по ред како преку прес-конференции по завршување на месецот, или 25 дена однапред, ја информираме јавноста за месечното извршување на буџетот. Се надевам дека оваа добра пракса ќе остане и за понатаму – без разлика дали резултатите се добри или лоши, дали економијата е во експанзија или контракција, односно во криза“, изјави министерката за финансии, Нина Ангеловска, од прес-конференцијата во Владата, информирајќи за реализацијата за месец јуни, како и вкупно за целото прво полугодие од 2020 година.
„Она што радува е дека резултатите се подобри од очекуваното. Тоа укажува дека закрепнувањето е почнато и истото може да оди и побрзо од очекувањата. На приходната страна, кумулативно од почетокот на годината сè уште се забележува пад. Сепак, тој е значително ублажен, а кај одредени давачки се забележува дури и висок раст во споредба со истиот период минатата година.
Во периодот јануари – јуни, вкупните буџетските приходи се остварени на ниво од 44% од ребалансот (годишниот план) или во износ од 87,4 милијарди денари. Ова е за 9% помалку во однос на истиот период лани. Процентот на остварување во однос на планот е речиси ист како и минатата година. Тоа укажува дека е задржана динамиката на наплата на приходите. Мора да се напомене дека реализацијата на вкупните приходи во јуни е значајно подобра од очекувањата, реализацијата на приходите во јуни е за 9.6% пониска во однос на јуни минатата година (додека во сценариото бевме подготвени за 20% пониски). Даночните приходи во првата половина од година бележат пад од 13% на годишно ниво и изнесуваат 47,3 милијарди денари. Досега се реализирани 44% од планот, што е речиси непроменета реализација во однос на план споредено со лани. Само за јуни, согласно сценариото од ребалансот проекциите беа во надолна линија со очекуван пад од нешто над -20%, додека остварениот пад е -14,4%. Ова е позитивна разлика од околу 700 мил.денари. По падот од 31% и 29% во април и мај респективно, се забележува позитивно придвижување и подобрена наплата кај даноците“, вели Ангеловска.
Кај приходите од ПДД има позитивни движења. Во второто тримесечје движењата по месеци се -11,7% (април), -25,7% (мај), за во јуни да биде регистрирана позитивна стапка 1,7%. Ова во голем дел се должи на мерките на Владата за помош во исплата на плати за фирми погодени од Ковид. ДДВ исто така има позитивно движење. Во април и мај падот кај ДДВ беше -43,5% и -33%, додека во јуни е -7,5%. Негативните стапки опаѓаат во второто тримесечје. Повратот на ДДВ исто така се одвива непречено и фирмите го добиваат повратот во регуларна динамика. Во услови на криза, повратот на ДДВ во првото полугодие од 2020 е повисок за 660 мил.ден. спредено со истиот период лани или 6% повеќе. Ублажувањето на падот на приходите од ДДВ, меѓу другото се должи и на спроведените мерки за поддршка на личната потрошувачка.
Се забележува позитивен тренд кај придонесите кои растат со стапка од 8% или вкупно досега изнесуваат 31,7 милијарди денари. Ова е добар сигнал за движењата на пазарот на труд. Стапката на раст покажува дека мерките за поддршка за зачувување на работните места во борба со ковид-кризата даваат резултат. Растот од 12% на овие приходи покажува одлична респонзивност на стопанството на преземените мерки. Во април и мај стапките беа 1,5% и -0.9%, што значи и тука има позитивни движења видно од месечните податоци.
Расходната страна во првото полугодие бележи раст на годишно ниво, во најголем дел како резултат на преземените мерки во борба со ковид-кризата. Вкупните расходи изнесуваат 113 милијарди денари, што е зголемување од 9,9% на годишно ниво или 10,2 милијарди денари (46,7% од буџетираните расходи). Оправданоста за ваквиот пораст на расходите се содржи во исплата на: повисоки пензии, социјална помош, плати, како и поддршка за фирми и граѓани погодени од Ковид во износ од околу 5,4 милијарди денари (88 милиони евра)
„Дефицитот во буџетот во првото полугодие е остварен во износ од 25,9 милијарди или 3,8% од БДП, и е согласно проекциите, односно се одвива согласно динамиката што ја планиравме. И покрај предизвиците со кои се соочува македонската екномија, во услови на справување со Ковид, извршувањето на буџетот се одвива по план, а ликвидноста е обезбедена. Целта на Министерството за финансии е да обезбеди континуирано извршување на буџетот, без застој, во законски утврдените рокови вработените да земат плата, социјално загрозените да ги добијат навремено своите надоместоци, фирмите редовно да ги наплаќаат своите побарување кон буџетските коирсници, да нема заостанати обврски, како и навремен поврат на данок.
Тука се и мерките за Ковид, поддршка која државата ја дава на граѓаните и фирмите, во согласност со можностите, преку домашната платежна картичка, преку субвенционраните плати и придонеси, преку одложувањата на плаќањата на даночните обврски. Останува обврската и одговорноста на државата да ги обезбеди и испорачува јавните добра и услуги до сите, особено сега, во овие тешки времиња.Очекуваме и во третиот и четвриот квартал од годината постепено закрепнување на домашната економија, кое ќе биде поддржано од реализација на третиот сет на мерките наменети за заживување на економската активност“, додаде Ангеловска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ поскап бензин
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,03% во однос на одлуката од 5.1.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,332%, кај дизелот има намалување за 0,317%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,391% и кај мазутот има намалување за 4,067%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7158%.
Од 13.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,133 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,668 ден/кг и сега ќе изнесува 32,133 ден/кг.
Фото: Depositphotos
Економија
ТАВ Аеродроми: 2025 година се заокружи со 3,5 милиони патници што е 9 отсто зголемување
Во 2025 година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужија 3,5 милиони патници и 26.500 летови.
Двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид минатата година опслужија 3,5 (3.475.288) патници што е зголемување од 9% во однос на 2024 година.
Во 2025 година двата аеродроми опслужија 26.500 летови, што е за 4% повеќе во однос на истиот временски период, од јануари до декември, 2024 година.
„Успехот што го постигнавме во 2025 година не е случаен. Тој е резултат на јасна стратешка насока, фокусирани инвестиции и силни партнерства. Зголемувањето од 9% на бројот на патници и 4% пораст на летовите на двата македонски аеродроми е директна потврда дека вложувањата во модернизација на инфраструктурата, унапредување на оперативната ефикасност и проширување на мрежата на авиолинии даваат конкретни и мерливи резултати. Дополнително, новите дестинации, континуираната соработка со авиокомпаниите, зголемената побарувачка за патувања и посветеноста на нашите вработени овозможија стабилен и одржлив раст. Овие резултати ја зацврстуваат позицијата на македонските аеродроми како сигурни и конкурентни регионални воздухопловни центри и ни даваат силна основа за уште поамбициозен развој во наредниот период,“ вели Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Само во декември 2025, статистиката на ТАВ Македонија покажува двоцифрено зголемување на процентите на опслужени патници на двата аеродроми од дури 25% во споредба со декември 2024, една година претходно, или преточено во бројки, 294.781 патници.
Во последниот месец од минатата година пак, реализирани се 2,019 летови што е за 7% повеќе од декември во 2024 година.
Стабилен пораст покажува и дневниот пресек на патници во 2025. Скопскиот аеродром дневно во просек опслужуваше 8.786 патници што е за 9% повеќе од 2024 година, а преку
охридскиот, дневно патувале 767 патници што е за 16,3% повеќе споредено со минатата година.
Одделните анализи за двата аеродроми за периодот од јанури до декември покажуваат дека преку Меѓународниот Аеродром Скопје патувале 3.211.419 што е за 8,7% повеќе споредено со истиот период во 2024 година, а додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 20% со услужени 263.869 патници.
Истанбул, во сите 12 месеци од 2025 беше најфреквентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје до двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 16,6% пазарен удел. Потоа следуваат Базел Милуз (6,2%), Франкфурт (5,7%), Цирих (4,5%) и Минхен – Меминген (4,2%).
Топ – пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (25,4% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (23,6%), Швајцарија (10,8%), Италија (5,5%) и Шведска (4,3%).
Од Меѓународниот Аеродром Скопје во моментов летаат вкупно 15 авиокомпании кон 49 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид три авиокомпании летаат до 7 дестинации.
Според најавите на авиокомпаниите, од март годинава, мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома ќе се зголеми, со отворањето на нови авиолинии и нови дестинации. Виз ер ќе почне да лета од Скопје до Неапол и ќе ја врати авиолинијата од македонскиот главен град до Будимпешта, додека од Охрид ќе почне да лета до Милано. Во мај, Аустриан ерлајнс ќе почне да лета од Охрид до Виена, а во јуни охридскиот аеродром ќе ги врати полските туристи во Охрид со отворањето на новата авиолинија од Вроцлав и враќањето на летовите од Катовице.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash

