Економија
(Видео) Антовски: Нов блок во РЕК не работи, за народот нема парно зошто за власта има тендери и криминал
Нов блок во РЕК не работи, за народот нема парно зашто за власта има тендери и криминал, изјави Стевче Антовски, член на Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој обвини дека во сред зима делови од Скопје немаат парно, неизвесно е дали утре ќе има греење, затоа што никој од неспособната влада на чело со пионот Ковачевски не преземале мерки за набавка на евтин гас, кога тоа го правеа владите на државите во регионот и Европа.
„Неспособноста која владата ја има сега граѓаните ќе ја плаќаат преку буџетот, но и со тоа е неизвесно дали ќе има греење. Како што се неспособни и го загрозија греењето, така се неспособни и го загрозија снабдувањето со електрична енергија“, истакна Антовски.
Тој додаде дека Блок 3 на РЕК Битола, повторно е надвор од функција, нагласувајќи дека трансформаторот повторно не работел.
„Станува збор за истиот трансформатор којшто се запали во ноември, а беше наводно минат низ процес на ремонт. Сега пред неколку дена истиот трансформатор го исфрла цел Блок 3 на РЕК Битола од употреба. Поправката на овој трансформатор од технички аспект е многу дискутабилна. Со техниката не се игра и истата не трпи импровизации. Веднаш по синхронизација на блокот се активирала заштитата на блок трансформаторот и Блок 3 е повторно надвор од погон. Првите контроли и надзор од стручните лица укажуваат на внатрешен дефект на трансформаторот. Негова поправка во вакви случаи трае повеќе од една година“, рече тој.
Според него, тоа значи дека Блок 3 во РЕК Битола најмалку една година ќе биде надвор од употреба. А, тоа пак, како што рече, значи дека ТЕЦ Неготино ќе произведува струја за 170 евра за MWh, а ќе ја продава за 41 евро по MWh на универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ уште долго време.
„Што значи тоа? Дополнително загадување на животната средина за подолг временски период, дополнително загадување на воздухот, дополнително нарушување на здравјето на граѓаните на државата. Повеќе од јасно е дека СДСМ ја уништува енергетиката во Македонија, повеќе од јасно е дека СДСМ нема капацитет, нема идеја, нема решенија како да се справи со кризите коишто ги наметна во нашата држава.
Несериозноста, лукративноста и инаетењето нè водат кон подобро. Итно мора да замине сето раководство во енергетскиот сектор, како Васко Ковачевски, и наместо плетење легенди за „шампиони“ да се посвети внимание за катастрофата во којашто ја втурна државата.
Фактите се јасни. Оние кои ја втурнаа Македонија во енергетска криза не може да бидат дел од решението. Треба да си заминат што поскоро за тоа што наскоро ќе го осетат гневот на народот на сопствена кожа“, порача Антовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.

