Економија
(Видео) Анѓушев – Грин: Северна Македонија има историска можност да обезбеди иднина цврсто вградена кон западот и евро-атлантските институции
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, се сретна со администраторот на УСАИД, амбасадорот Марк Грин, со кој разговараа за досегашната поддршка од страна на УСАИД, тековните проекти кои се спроведуваат во Северна Македонија, како и за идните форми на соработка, пред сè во насока на унапредување на економијата, демократијата, транспарентноста и повисок квалитет на живот на граѓаните.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека УСАИД е организацијата којашто ја даде најголема поддршка на нашата држава на патот кон демократијата и евро-атлански интеграции од постоењето на државата, односно нејзината независност. Американскиот народ, преку УСАИД, дава силна поддршка на македонските граѓани и државата да бидат на правиот пат, помогнаa да се стигне до оваа точка, на која денес се наоѓаме и во процесот на измените на нашето општество во насока на транспарентност, демократија и просперитет.
„Како и секогаш така и во овој период УСАИД го поддржува развојот на нашето општество и денеска разговаравме со господинот Грин за сите проекти коишто ги спроведуваме заеднички во моментот и тие се во сите области на нашето општество. Поаѓајќи од програми за развој на социјалното живеење, унапредување на медиумската сфера, транспарентноста, унапредување на изборниот процес и развојот на демократијата, па сè до развојот на квалитетот на живеење на младите луѓе во нашата држава и секако во делот на економијата која е една од најзначајните точки што е поддржана и тоа преку повеќе програми. Моментално се спроведува Програмата за подобрување со конкурентноста, со која се влијае на подобрување на околината за правење бизнис во нашата држава. Би сакал да подвлечам дека ќе беше речиси невозможно ние да ги постигнеме резултатите за адаптирање на нашата легислатива во делот на енергетика согласно европските барања и третиот енергетски пакет на ЕУ, кои требаше да се имплементираат во нашето законодавство во делот на енергетиката, без помошта на УСАИД. Тука не застанува делот од помош и соработка помеѓу нашата држава и УСАИД.
Отворивме и некои нови теми за можна соработка. Го отворив прашањето за креирање на централна единица за креирање јавни-приватни партнерства, коишто цениме дека се иднината за развојот на економијата, дека не може економијата во нашата држава да се развива само врз база на државни инвестиции, туку ние јасно и недвосмислено сме како држава за патот на евро-атлантски интеграции. Тој пат на евро-атлантски интеграции подразбира демократија, транспарентност и приватна иницијатива која треба да биде движечка сила на развојот на општеството и посебно на економијата и тоа да биде провлечено на долг рок и на одржлив начин, што е многу важно“, посочи вицепремиерот Анѓушев.
Амбасадорот Грин нагласи дека УСАИД е присутна од 1993 година, во овие 26 години реализирани се низа програми и проекти преку кои се поддржани речиси сите области, почнувајќи од земјоделството, економијата, социјалното живеење, образованието, па сè до филмската индустрија.
„Ние сме посветени на континуираниот развој на Северна Македонија. И ние веруваме дека со искористување на моќта на приватното претпријатие и поттикнување на нови партнерства помеѓу приватниот сектор, владата и другите засегнати страни, можеме да работиме кон посветла, попросперитетна иднина. Северна Македонија има историска можност да обезбеди иднина цврсто вградена кон западот и евро-атлантските институции, вклучително и НАТО и Европската Унија. УСАИД се залага за поддршка на напредокот на Северна Македонија кон оваа цел. Програмите на УСАИД му даваат приоритет на патувањето во Северна Македонија да стане поиздржлива, просперитетна и самоуверена демократија“, потенцира УСАИД Администраторот Марк Грин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.
Економија
(Фото+видео) Николоски: Со одлична динамика се гради автопатот Гостивар – Букојчани
Задоволство е да се гледа прогрес и да се гледааат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата и силната динамика ќе продолжи во следниот период за до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП Коце Трајановски извршија увид во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани.

„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.



Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата. Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и следните генерации да можат на конкретни и живи проекти да учат” истакна Николоски.


Упати благодарност до премиерот Мицкоски за подршката што ја дава за овој проект и најави силна динамика и крајот на 2029 година да биде завршен овој автопат без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар како и автопатот од Прилеп до Битола.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.

